Со свечена и несекојдневна атмосфера, вчера во Битола започна 27. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Отворањето беше организирано во два дела , прво на отворено, пред НУ Центар за култура , а потоа и со официјална програма на Големата сцена.
Во воведниот дел пред Центарот за култура, за значењето и традицијата на фестивалот се обрати долгогодишната соработничка и поддржувач на фестивалот, Љупка Коларова Пајевиќ, која веќе 26 години е дел од оваа театарска приказна. Атмосферата дополнително ја разубави мини концертот на Бојан Стојков, кој изведе песни од легендарниот Фреди Меркјури.

Со свечени зборови фестивалот беше официјално отворен, најавувајќи богата програма исполнета со врвни монодрамски остварувања од различни делови на светот. Оваа година фестивалската програма носи 13 монодрами од 10 земји: Казахстан, Египет, Ерменија, Романија, Чешка, Бугарија, Полска, Италија, Грузија и Македонија. Публиката секојдневно ќе има можност да проследи по три претстави, а новина годинава е и „Бар сцената“, нов експериментален простор во салата на поранешната кафеана, каде ќе се изведува по една претстава дневно.
На присутните им се обрати директорот на Центарот за култура, м-р Сашо Илковски:
-Со задоволство го најавувам и свечено го отворам 27. Интернационален фестивал на монодрама – Битола. Секојдневно ќе имаме по три монодрами, а од оваа година по една претстава ќе има и на новата сцена, која е наречена “Бар сцена“ во салата на поранешната кафеана која сега е експериментална сцена. За прв пат ќе се изработи и 50 минутен документарен филм, во кој ќе бидат сместени сите моменти од фестивалот, почнувајќи од подготовките па се до доделувањето на наградите.
Фестивалот беше отворен со урнебесната монодрама „Менопауза“, во изведба на Тијана Дапчевиќ – духовит и искрен стенд-ап за темите за кои жените често зборуваат тивко, а на сцената конечно се отвораат со многу хумор и самоиронија. Со искреност и без задршка, претставата ја насмеа публиката до солзи и донесе одличен почеток на фестивалската недела.
Фестивалската програма ќе заврши со претставата „Гидионовиот јазол“ на сцената на НУ Народен театар – Битола, кога ќе бидат доделени и фестивалските признанија, вклучувајќи ја и највисоката награда – Гран при. Битола повторно живее во ритамот на монодрамата, уметноста на еден актер, една сцена и една силна приказна.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски и Сашо Ставрев




