Со традиционалната церемонија на доделување на наградите о Сарајот во Ресен заврши јубилејното 20-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2022“.
Жирито во состав, Мето Јовановски (претседател), Елена Трајковска и Владимир Стојчевски, одлучи главната награда „Актер на Европа 2022“ за најдобро актерско остварување да им ја додели на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, за улогата во „Кармен“ од Драмскиот театар Скопје, како и на Исмет Аземи за улогата во претставата „Четирите еполети“ од Градскиот театар од Митровица, Косово.
Претставата „Четирите еполети“ ги доби наградите за најдобра режија, Хаќиф Мулиќи и наградата „Преспански Дионис“, за косовскиот актер Басри Луштаку.
За најдобра претстава во целина беше прогласена претставата „Пеликанот“, по текстот на А. Стриндберг, во изведба на независната театарска група од ИУ Еуропа Прима – Скопје, во режија на Теодора Сиљаноска.
Претставата „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, додека претставата „Синиот портокал“ од Народниот театар Ј.Х.К Џинот од Велес ја понесе наградатата од публиката.
Монодрамата „Кармен“ на Драмски театар Скопје својата премиера ја имаше во мај минатата година. Ова е трета награда на актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола и годинешното издание на Македонско културно лето во Албанија.
Драмски театар Скопје во текот на летово ќе настапи на 62-то издание на Охридско лето со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на 20 јули, а со претставата „Кармен“ ќе гостува во петок, 15 јули, на Вевченското културно лето и на 12 август на Бриони во Хрватска во рамките на Фестивалот РУТА.
Оваа година Младен Нелевиќ (Црна Гора) на манифестацијата во Ресен, ја понесе Наградата за животно дело -Актер на Европа 2022 .