Во рамките на Битолското културно лето Бит фест 2026, ќе се одржи премиера на претставата „Свињи“ на Театарот „Златен Елец“ во копродукција со Центарот за култура Битола. Претставата на хрватскиот автор Томислав Зајец, е во режија на Тамара Стојаноска и во истата играат: Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска. Премиерата ќе се одржи на 8. јули во Центарот за култура – Битола од 21 часот, а првата реприза на 9.јули со почеток од 20 часот. Преводот од хрватски јазик е на Тамара Стојаноска и Никола Стојаноски,
дизајн на звук, избор на музика и автор на текст за сонг: Лука Тошев, дизајнер на постер и рекламен материјал: Бојана Цилевска, сценографија: Тамара Стојаноска, костими: Тамара Стојаноска во консултација со актерската екипа, изработка на маски: Горан Спасевски, фотографија: Јордан Звездоски, продуцент: Бобан Алексоски.
„Свињи“ од Томислав Зајец за првпат ќе биде поставена пред македонската публика, отворајќи простор за ново читање на едно од најзначајните дела на современата хрватска драматургија. Преку специфичниот драмски јазик, во кој се преплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, Зајец создава свет што истовремено е суров, поетичен и длабоко вознемирувачки. Оваа постановка го чита текстот како современа општествена и психолошка алегорија што ги отвора прашањата за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата, насилството и човековата потреба за бегство од реалноста.
„Свињи“ е претстава што не бара од публиката да заземе страна, туку да остане со прашањата што ги отвора. Зашто најстрашните облици на насилство не започнуваат со омраза, туку со рамнодушност, молчење и прифаќање на светот таков каков што е. Во тој простор помеѓу личната, колективната и театарската одговорност се наоѓа суштината на претставата, да не понуди готови одговори, туку да е огледало на тоа како ги третираме луѓето околу нас и какво општество создаваме.
