Пред исполнетата сала на Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, се одржа аудио-визуелното предавање „Историја на македонската рок музика“ на Тошо Филиповски. Вечерта посветена на рок музиката и рок културата предизвика голем интерес кај публиката, која покрај предавањето имаше можност да ја разгледа и поставената изложба. На настанот присуствуваа и амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, амбасадорката на Босна и Херцеговина во Хрватска, Н.Е. Елма Ковачевиќ Бајтал, како и други високи претставници на дипломатскиот кор, почитувани гости и бројна публика.
На почетокот на настанот, директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, им се обрати на присутните, претставувајќи го гостинот на вечерта, Тошо Филиповски, и осврнувајќи се на неговото богато творештво и долгогодишна посветеност во истражувањето, документирањето и афирмацијата на македонската рок музика. Таа истакна дека неговото повеќедецениско истражување претставува непроценлив придонес во зачувувањето на современото македонско музичко наследство и колективната културна меморија.
Со пригоден говор потоа се обрати и македонскиот амбасадорот во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој им посака срдечно добредојде на присутните и ја истакна значајната улога на македонскиот КИЦ во Загреб во афирмацијата на македонската култура во Хрватска. Тој нагласи дека МКИЦ токму преку ваквите програми успешно ја реализира својата мисија на промотор на македонската култура и културната дипломатија, придонесувајќи за продлабочување на културните врски и пријателството меѓу Македонија и Хрватска.
Преку богатата аудио-визуелна презентација, проследена со ретки фотографии, видеоснимки, музички записи и бројни интересни сведоштва, публиката имаше можност да проследи повеќе од шест децении развој на македонската рок сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сѐ до денес. Како автор на капиталните изданија „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата „ГОТРА“ и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“, Тошо Филиповски создаде непроценлива документарна граѓа за развојот на македонската рок сцена. Покрај својот авторски труд, со години дејствува како новинар, уредник, радио-водител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, давајќи исклучителен придонес во зачувувањето на колективната меморија и современото музичко наследство на Македонија.
По гостувањето во македонскиот КИЦ во Загреб, својата турнеја ќе ја продолжи во Риека, Пула, Сплит и Дубровник, овозможувајќи ѝ на публиката во овие градови да се запознае со богатото наследство на македонската рок музика и рок култура.





