Home » Поделени сертификатите на учесниците од работилниците на „Илинденски денови“

Поделени сертификатите на учесниците од работилниците на „Илинденски денови“

by culturalchat

Со насмевки, прегратки и заслужени сертификати, се заокружи приказната на детските креативни работилници во рамките на 56. „Илинденски денови“. Во изминатите денови, сцените, фоајето и фестивалските простори беа исполнети со нешто што не може да се научи од учебник, љубопитност, храброст да се создава и радост од заедничкото творење.
Под водство на посветени уметници и педагози, децата цртаа, истражуваа, играа со светлина и сенка, ткаеја, го оживуваа глуварчето, симболот на овогодишниот фестивал и покажаа дека традицијата има најсигурна иднина тогаш кога ќе ја допре детската имагинација. Секој сертификат што беше доделен е признание за нивната креативност, љубопитност и посветеност. Но уште поважно од хартијата што ја понесоа дома е искуството што го создадоа и новите пријателства, првите уметнички чекори и чувството дека и тие се дел од големото семејство на „Илинденски денови“.
„Голема благодарност до сите уметници, педагози, родители, волонтери и соработници кои беа дел од ова прекрасно патување. Без нив, детските насмевки немаше да бидат толку бројни, а фестивалот немаше да биде толку жив. А до нашите најмлади фестивалци, продолжете да сонувате, да создавате и да ја чувате љубопитноста. Таа е најубавото семе од кое растат идните уметници, творци и чувари на културното наследство“, истакнуваат од фестивалот.
Традицијата продолжува. Затоа што денес, таа доби нови мали амбасадори.
фотограф | Сашо Ставрев

Related Articles