Стручното жири на 27 Арт Трема Фестивал во состав: Зијах Соколовиќ, Марина Вујчиќ, Неџма Чизмо, едногласно ги додели следните награди на претставата ,,КИСЛОРОД“ од Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ:
Сребрена Тремина маска за претставата, Најдобра режија (Златна плакета) на Иван Јерчиќ, Најдобра сценска музика на Александар Димовски, најдобар дизајн (музика, звук, светло-тотал дизајн) на Александар Димовски, Марјан Ѓорѓиевски, Владимир Переловски и Никола Ѓорѓиевски, Награда за партнерска игра на Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов.После долготрајните аплаузи после изведбата на претставата, интересот на публиката за нашите актери не стивнуваше. Па така публиката имаше разговор со Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Иван Јерчиќ .Претставата „Кислород“ е работена според текстот на Иван Вирипаев. Тој е современ драмски писател, режисер, сценарист, активен од средината на 90-тите години на 20 век. Добитник е на многу руски и меѓународни награди за театарска уметност, меѓу кои се и германската награда за Најдобар драматург во 2009 година и Човек на годината во Полска во 2010 година. За драмите „Пијани“ и „Илузии“ доделена му е наградата Олег Табаков, „за талентираното и тврдоглаво прикажување на нашиот живот во нови драмски облици.“Вирипаев подвлекува дека во театарската уметност, поважна е енергијата која се пренесува на публиката отколку изборот на темите, затоа што одлично напишаната драма може да остави лош впечаток кај гледачите и да ги извлече од салата уште пред крајот, а енергијата со која се заразува салата може да направи успех дури и од аматерска претстава. Иако неупатениот читател може да помисли дека претставите на Вирипаев се весели, лесни и површни, сепак претставите „Кислород“, „Градот во којшто сум јас“, „Илузии“, „Соништа“, „Пијани“, се занимаваат со потрагата на современите личности по одговорите на вечните прашања.Костимографијата е на Марта Дојчиновска, авторската музика и избор на музика на Александар Димовски, шминка и фризура Стефанија Стојчевска, видео материјали Марјан Ѓеорѓиевски, снимател Сашо Илковски, видео оператор Владимир Переловски . Гостин во видеото Марјан Наумов. На фестивалската сцена во Рума освен актерите од Битола, учествуваа и театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.