На 16.октомври, Народниот театар од Битола гостуваше во Театарот во Бјалисток со претставата „Кореолан“ од Вилијам Шекспир. Претставата беше одиграна во рамките на десеттото издание на меѓународниот драмски фестивал „Kierunek Wschod“ (Правец Исток). Оваа изведба во Полска, следуваше по гостувањата на „Охридско лето“, Shakespeare Fringe Festival во Верона и „Magical Nights in Butrint“ во Саранда.
Пред почетокот на претставата, трета година по ред, на присутните во преполната сала им се обрати македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил, потенцирајќи дека „Културата е многу важен мост за соработка меѓу народите (потсети дека пред само 4 дена Театарот Комедија од Скопје гостуваше во Радом)“. По завршувањето на претставата, актерите и режисерот Блондел одговараа на бројни прашања од публиката.
„Ова беше уште еден извонреден настап на ансамблот на Битолскиот народен театар, кој го потврди своето реноме како еден од најдобрите театри во нашата земја.За потсетување, овој театар во 70-те и 80-те години од минатиот век беше еден од најдобрите во СФРЈ, освојувајќи највисоки награди на „Стеријно позорје“ во Нови Сад“, истакнуваат од Македонската Амбасада во Полска на своите страници.
Ова беше петти последователен настап на Битолскиот народен театар на овој фестивал, кој има одлична соработка со театарот во Бјалисток (главен град на Војводството Подлаские на североистокот од Полска, на границата со Белорусија).
„Битолскиот ансамбл (седум актери, меѓу кои и директорот Васко Мавровски), како и секогаш, се претстави во одлично светло со изведбата на исклучително комплицираната драма на Шекспир (режија : Џон Блондел)“, додаваат од Амбасадата. Следниот месец се очекува премиерата во матичниот театар во Битола.
