На Денот на независноста, Project 7000 се враќа таму каде што природно припаѓа, на Пелистер. Утре, кај Инфо-центарот на Националниот парк Пелистер, ќе се одржи четвртото издание на Project 7000, овојпат под името „Harvest of Sound“ и мотото „Independent by Nature“. Настанот се реализира во соработка со Националниот парк Пелистер, со идеја планината да стане простор во кој музиката, движењето, дружењето и одговорниот однос кон природата можат да постојат заедно.
Програмата започнува напладне. Во 12 часот зад пултот застанува Svaba, во 14 часот KeeKetz, во 16 часот настапува DUPER, а од 18 часот програмата продолжува со ConTruDJ. Но „Harvest of Sound“ годинава има уште една важна димензија. По пожарите кои неодамна зафатија делови од Баба Планина, Project 7000 и НП Пелистер воспоставија посебен протокол за одговорно присуство на посетителите. Пораката е едноставна: Пелистер не е декор за настанот. Пелистер е домаќин. На просторот нема да има хартиени пепелници, а секој посетител ќе биде повикан сопствениот отпад да го задржи кај себе до најблискиот контејнер. Организаторите апелираат и на лична одговорност, со цел просторот по завршувањето на настанот да остане во иста состојба во која бил затекнат.
Во соработка со Инфо-центарот на НП Пелистер, во текот на денот ќе биде активирана и адреналинска зона, со активности под надзор на сертифицирани инструктори и со задолжителна заштитна опрема. Дел од концептот е и пешачењето. Посетителите се охрабруваат дел од патот до локацијата да го поминат пеш, како свесна транзиција од градскиот ритам кон планината и како дел од самото искуство на Project 7000.
„Independent by Nature“ на 8 Септември добива и дополнително значење. Наместо класичен празничен формат, Project 7000 го одбележува Денот на независноста со идеја за слобода која доаѓа со одговорност кон просторот, природата и заедницата.
HARVEST OF SOUND
8 септември 2026
Инфо-центар, НП Пелистер
12:00 Svaba / 14:00 KeeKetz / 16:00 DUPER / 18:00 ConTruDJ
Independent by Nature.

