Home » Ликовниот уметник Симеон Силјановски добитник на Ноемвриската награда на ДЛУБ

Ликовниот уметник Симеон Силјановски добитник на Ноемвриската награда на ДЛУБ

by culturalchat

Во рамките на програмата „Сите бои на сеќавањето” посветена на четвртоноемвриското празнување, Денот на ослободувањето на Битола, во Друштвото на ликовни уметници беше отворена традиционалната Ноемвриската изложба. Истата беше отворена во битолската Магаза, а бројни љубители на уметноста и членови на ДЛУБ имаат можност да уживаат во изложените уметнички дела.„Особено ме радува што изложбата обединува членови од Битола и од различни градови низ Македонија, а со своето учество ја збогатува и нашиот редовен член од соседна Бугарија. Тоа е уште еден доказ дека уметноста не познава граници, туку ги поврзува луѓето преку заедничката страст и творештво“, истакна Нела Петровска, претседателка на ДЛУБ и додаде: „Особено сакам да истакнам дека оваа година остваривме успешна соработка со институциите, чија поддршка и отвореност придонесоа за реализацијата на нашите активности. Упатувам голема благодарност до Министерството за култура за поддршката и препознавањето на значењето на нашата работа.Верувам дека ваквата соработка е од особено значење и дека треба да ја негуваме и развиваме и во иднина. Нашето здружение зад себе има богата историја, традиција и непроценлива културна вредност. Тоа е место каде што се создава, споделува и чува уметноста, но пред сè, место кое ги поврзува луѓето. Затоа сметам дека заслужува континуирана поддршка, почит и внимание од институциите, заедницата и сите оние кои ја препознаваат важноста на културата и уметноста“.Комисијата, во состав Лилјана Христова, историчар на уметност и Филип Иванишевиќ, историчар на уметност, одлучи Ноемвриската награда да му ја додели на ликовниот уметник Симеон Силјановски со делото „Вереници“. Градоначалникот на Битола Тони Коњановски присуствуваше на изложбата и од страна на ДЛУБ му беше доделена благодарница за успешната соработка и афирмација на ликовната уметност.

Фотографии: Ивона Кочов.

Related Articles