Home » КУД. „Илинден“ ги претстави Градските приказни на Скопското културно лето

КУД. „Илинден“ ги претстави Градските приказни на Скопското културно лето

by culturalchat

Во рамките на „Скопско културно лето 2026“,КУД. „Илинден“ од Битола го одржа концертот „Градски приказни“, претставувајќи ја богатата градска традиција преку песна, музика и игра.Оваа година, годишниот концерт на КУД „Илинден“ беше посветен на богатата македонска градска традиција, носејќи на сцената атмосфера на старите градски средини. Преку звуците на чалгискиот оркестар, автентичните танци и обичаи, како и раскошните костими, програмата оживува еден препознатлив културен свет. Концертот ја обединува музиката, играта и сценскиот израз во целовито доживување исполнето со духот на традицијата – вечер во која се раскажуваат приказни што се пренесуваат низ генерации.КУД „Илинден“ од Битола, основано во 1955 година, денес е еден од водечките фолклорни ансамбли во Македонија. Во своето повеќедецениско постоење настапил на повеќе од 150 меѓународни фолклорни фестивали ширум светот и освоил бројни престижни домашни и меѓународни признанија. Меѓу нив се издвојуваат Гран при во Франција, награди од фестивали во Полска, Велика Британија, Украина, Турција, Албанија и Северен Кипар, како и највисокото општинско признание „4 Ноември“ на Општина Битола. Ансамблот реализирал повеќе од 200 самостојни концерти низ Македонија и бил претставник на државата на светската Фолклоријада во Уфа, Русија. Од неговите редови произлегле едни од најистакнатите имиња на македонската народна музика, меѓу кои Јонче Христовски, Виолета Томовска и Валентин Соклевски. КУД „Илинден“ традиционално го отвора фестивалот „Илинденски денови“ со изведбата на „Комитското“. Воедно е еден од основачите на Сојузот на фолклорни ансамбли на Република Македонија и негов активен член од 1994 година. Денес ансамблот брои повеќе од 320 членови, организирани во детски и младински групи, оркестри, пејачка секција и главен фолклорен ансамбл. Со богата традиција, врвни уметнички достигнувања и континуирана посветеност, КУД „Илинден“ останува еден од најзначајните чувари и промотори на македонскиот фолклор.
Овој настап е уште еден доказ дека традицијата продолжува да живее. Во продолжение ви пренесуваме дел од атмосферата низ фотографиите од концертот.

Related Articles