Home » Интернационален успех на македонската театарска уметност- долготрајни овации и аплаузи за Битолскиот театар во Верона

Интернационален успех на македонската театарска уметност- долготрајни овации и аплаузи за Битолскиот театар во Верона

by culturalchat

Стоечки овации, долготрајни аплаузи и публика која не престануваше да ја поздравува екипата – тоа е најубавата слика од гостувањето на Битолскиот театар во Верона.  Меѓународната изведба на „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, на Verona Shakespeare Fringe Festival, беше пречекана со исклучителен интерес и воодушевување од публиката. Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секој, без оглед на јазикот и земјата од која доаѓа.

Во Верона се случува и 12. Светски Шекспир конгрес, кој ја одбележува 50 годишнината на Интернационалната Шекспир асоцијација, а покрај тоа на повеќе сцени низ градот се одржува и музичка програма. Со ова градот од 20. до 26.07  прераснува во глобална театарска сцена која пречека илјадници уметници, истражувачи, од целиот свет. Фестивалот е организиран од Центарот Skenè на Универзитетот во Верона. Основачи на оваа платформа се: Џон Блондел кој е уметнички директор на фестивалот, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато, Џон Блондел и Дејвид Скалквик. Фестивалот ги спојува делата на истражувачите и уметниците кои ги уриваат граници помеѓу сценската уметност и науката; овозможува нови начини на изведба, рецепција и пренесување; и создава можности публиката да доживее разновиден спектар на имагинативни одговори на делата на Шекспир. Фестивалот се реализира во соработка со Conservatorio di Verona и Teatro Scientifico – Teatro Laboratorio.„Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување“, истакнуваат од НТБ.
Најголемата благодарност, сепак, им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар Битола, која со својата посветеност, дисциплина и талент создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика. Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска. На овој престижен меѓународен фестивал, Народниот театар Битола гостуваше после премиерата на 66.Охридско лето и ја позиционираше и потврди македонската театарска сцена високо на глобалната театарска мапа. На фестивалот учествуваат театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија. „Благодариме, Верона! Ова беше вечер што ќе ја паметиме долго“, додаваат од Битолскиот театар.

 

 

 

Related Articles