Home » Значајно признание за Македонскиот КИЦ во Загреб

Значајно признание за Македонскиот КИЦ во Загреб

by culturalchat

Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб доби благодарница по повод 60-годишнината на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб, како признание за креативниот придонес и успешната соработка во промоцијата и зачувувањето на нематеријалното културно наследство и јакнењето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска. Благодарницата ја врачи уметничкиот директор на Смотрата, Твртко Зебец, а во име на директорката на КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, ја прими Зорица Велиновска.
По повод јубилејот, во КИЦ беше организирана изложбата „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб“, која преку архивски фотографии го прикажува шестдецениското учество на македонските ансамбли на оваа реномирана манифестација. Во рамките на овогодишната програма на Смотрата, Македонија ја претстави КУД „Дримкол“ од Вевчани, која со својот автентичен вевчански фолклор настапи на сцените во паркот Зрињевац и на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб.

Related Articles