Во рамките на Фестивалот на монодрама во Битола денес на сцената ќе бидат изведени две претстави и тоа од Бугарија и Полска.
Првата од нив е „Во темнината“, гостување на Театарот „Иван Вазов“, Бугарија, која ќе се изведе од 18:30 на Големата сцена на Центарот за култура. Режија и актерка: Албена Ставрева.
Со тегла џем и стар куфер, Гичка Кукувицата, посвоената ќерка на селскиот свештеник, е сама во камбанаријата на црквата. Нејзините приказни се неверојатно смешни и нудат патување во едно мало село и неговиот апсурден, но исчезнат свет. Но нејзините приказни се и тажни, бидејќи доверливата природа на детето не е способна да ја препознае злото зад превезот, дури ни кога тоа ѝ стои директно пред очи. Ова е приказна за осаменоста на оние што се различни, за бурното живеење на работ на разумот и за безусловната љубов. Живот исполнет со спомени и чудење – сите собрани во една мала кутија со искри.
Од 20 часот на Новата сцена во Центарот за култура ќе биде изведена „Глупости“, на театарот „КХата“, Полска. Режисер: Анастасија Павленко.
Актер: Костјантин Новиков.
Што ако сè во што верувате е добро режирана фарса?
„Глупости“ го истражува влијанието на пропагандата врз општеството и поединците, прикажано преку жанровите сатира и фарса, испреплетено со различни шоу техники. Претставата балансира на работ на повеќе жанрови, ангажирајќи ја публиката не само преку провокативна содржина, туку и преку живописна и иронична забава. Изведбата ги истакнува апсурдите на современиот свет на храбар и привлечен начин.
