Главниот ансамбл на КУД „Илинден“ ја започна својата турнеја во Хрватска во коорганизација со Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ Битола.
Првиот од концертите се одржа во Дрвеник, со наслов „Вечер на македонскиот фолклор и далматинската песна“, во соработка со општина Градац, туристичките заедници Градац и Дрвеник, каде пред публиката КУД Илинден ја претстави македонската песна, оро и традиционална носија, македонското фолклорно богатство. Кога тапанот ќе тропне, и македонскиот ритам и мелос ќе прозвучат, никој не останува рамнодушен, па така и присутните на концертот кои ги наградија битолските играорци и музичари со стоечки и долготрајни аплаузи.
Во рамките на концертот настапија и женскиот хор Градац и Клапата Виоле Дрвеник. На крај КУД Илинден ја разигра публиката. Со пеење на „Македонско девојче“ и „Битола мој роден крај“, се заигра и македонското оро заедно со сите присутни. Концертите продолжуваат и вечер во Градац, утре во Дугопоље, следуваат Дуги Рат во Хрватска и Нови Сад во Србија.





