На сцената на Народниот театар во Битола, премиерно беше одиграна претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани, а работена според истоимената пиеса на Максим Горки. Стоечки овации и долготрајни аплаузи, актери кои се враќаа на сцена да се поклонат пред битолската публика повеќе пати, беа само еден мал дел од оваа изведба.Во претставата играат: Никола Пројчевски, Илина Чоревска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Стефанов, Стефан Спировски, Елена Моше, Марија Стефановска, Сандра Грибовска-Илиевска, Мартин Мирчевски, Валентина Грамосли, Маја Андоновска-Илијевски, Соња Ошавкова, Анастазиа Христовска и Александар Димитровски. Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Папаз Горгиевски, а музиката е на Александар Димовски.
“На дното“ е пиеса од Горки која датира од 1902 година а овој фундаментално значаен писател како да ја исцртува еволуцијата на светските филозофски идеи од паганството и христијанството до идејата за „натчовекот“ на Ниче, односно како чекор по чекор се создаваат најповолни услови за прогласување и одобрување на новата на онаа на Горки – филозофија на човекот.Режисерот Ќендрим Ријани и пред две години работеше со екипата на Битолскиот театар и тоа претставата „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт. Оваа претстава на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ освои најмногу награди меѓу кои: за најдобра костимографија на Мицевски, награда за музика доделена на Тимор Доми, награда за режија за Ќендрим Ријани , награда за женска епизодна улога за Викторија Степановска, награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“, за Никола Пројчевски.За пиесата на Горки, драматургот Билјана Крајчевска истакна:
„ Овој фундаментално значаен писател како да ја исцртува еволуцијата на светските филозофски идеи – од паганството (Платон: Митот за пештерата, Диоген кој го бара човекот) и христијанството (Толстој) до идејата за „натчовекот“од Ф. Ниче, односно како чекор по чекор се создаваат најповолни услови за прогласување и одобрување на новата – онаа на Горки – филозофија на човекот. Ликовите – беспомошни, скршени луѓе кои се олицетворение на талогот на општественото дно дури и после цела трагедија и смрт и убиства и несреќи, во последниот чин во духот на Платоновата Гозба, со вотка, „имаат право“ да го изразат „сопственото мислење“, во духот на социјалистичјкиот реализам – оптимистички кон нов човек – нова иднина“.За претставата на Ријани, Крајчевска ќе напише:
„Ријани го организира метатекстуалниот простор во претставата на начинот на кој веднаш ни открива дека „идеологијата“ на ликовите, кои овде се „полу-луѓе, ѕверови“ денес е луксуз, дека сите и засекогаш во исто време се заглавени овде каде нема влез и излез. Со реконструкција на драмската предлошка и автентични коментари, контекстуализира мизансцен – кој станува денес – тоа дно кое го живееме, едно бескрајно репетитивно чувство и немоќ на разболените од животот овде, луѓе што свесно – не можат, не сакаат, не чувствуваат одговорност кон човекот и кон животот заробен во капитализмот, кој и ако „на тепка го убиеме“, нам кои сме извалкани од нечистотијата на дното, не ни остава простор за идеолошко и политичко реобмислување, туку само некој тип на веќе познатиот концепт – „бегство на Запад“, вистината и фикцијата во уметноста која умира, и надеж во духовното кое за жал тотално е префрлено на спротивната страна од животот. Наместо да се живее сега, наместо мисла која гледа на сè и секаде со „будно око“ за да „згази сè старо, сè тесно и валкано и да создаде ново врз фалсификатите и за жал политичките принципи на слободата, убавината и почит кон луѓето, денешниот човек гледа и трпи социјални неправди и газење на достоинството и при здрав разум одобрува уништување, понижување, одземање на правото на живот. Денес човекот – ние, ние кои немаме емпатија за најблиските во името на љубовта- Бог, ние кои се преправаме дека реагираме на сите неправди, оградувајќи се од одговорноста, треба да си одговориме како стигнавме на дното. Еве јас ќе се обидам, мојата земја Македонија многу долго преживува на дното. Во неа мојата метастазирана другарка зад затворените врати на амбулантите, бескрајно чека инјекција против болка… а јас, сум само гневна“.
Фотографи: Сашо Илковски