Home » Портрет на Томислав Османли во Хрватско книжевно списание

Портрет на Томислав Османли во Хрватско книжевно списание

by culturalchat

Најновиот број на списанието „Хрватски книжевен летопис“ објави расказ и пригоден прилог посветен на нашиот писател Томислав Османли. Објавата ја проследува високата книжевна награда „Donat”, што македонскиот писател ја доби за својата многугодишна и разнородна творечка дејност, кон средината на 2023 година, коога на македонскиот автор – како свое највисоко признание – му ја додели задарскиот Огранок на Хрватското книжевно друштво.

Објавата во угледното списание вклучува Образложение за доделената награда и творечка биографија на Томислав Османли, како и прозен текст од македонскиот автор. Станува збор за хрватскиот превод на расказот „Смук” кој е дел од неговата прозна книга „Каприча” со која Османли, уште пред петнаесет години го промовираше својот нов книжевен израз. Преку неколку прозни книги тој авторски израз допира до најновата објава на Османли, романот „Заборав”, неодамна публикуван во Скопје од реномираното книгоиздателство „ВиГ Зеница”.

Инаку, кон средината на тукушто изминатата година, при одржувањето на авторскиот портрет на Османли во Македонскиот културен центар во Загреб, претседателот на задарската книжевна асоцијација, писателот Никола Шимиќ Тонин, свечено му врачи почесна членска карта на таа книжевна асоцијација. Нешто подоцна, како трет автор од Македонија, претседателот на задарскиот писателски огранок на ХКД до управата на својата литературна асоцијација го предложил и за нов почесен член во меѓународната редакција на списанието Хрватски книжевен летопис, што сега го објавува пригодниот литературен портрет на македонскиот писател. Инаку ова списание е годишно списание за литература, уметност и наука кое веќе пет години се појавува на хрватскиот книжевен простор. Годинава во него, покрај портретот на добитникот на наградата „Donat” за животно дело, поместени се и образложенијата за наградите кои им припаднаа на уште два македонски писатела: поетите Марина Мијаковска и Борче Панов. Основач и главен и одговорен уредник на списанието е веќе споменатиот хрватски писател и преведувач, Никола Шимиќ Тонин, поет, романописец и автор со разнородна и богата книжевна биографија.

 

 

Related Articles