Во Скопје се одржa традиционалниот гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2024. На истиот се пееја познати оперски арии. Македонската опера и балет го востанови овој концерт во 1995 година и низ годините потоа, тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.
Традицијата продолжи и оваа година, па така публиката имаше можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии, дуети, хорски делници и балетски точки од светски познатите дела од композиторите: Џ. Росини, В.А. Моцарт, В. Белини, Џ. Верди, У. Џордано, Ф. Лехар, Ж. Бизе, Џ. Пучини, Е. Калман, П. И. Чајковски и други.
Концертот започна со полонеза од операта „Евгениј Онегин“ од Чајковски, на која настапи балетот при македонската опера и балет. Вокалниот дел го отвори Наде Талевска со арија од операта „Грофица Марица“ од Калман.
Настапија: Весна Ѓиновска-Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп-Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски и Владимир Саздовски кои го испејаа и дуетот Дон Џовани и Лепорело од операта „Дон Џовани“. Весна Ѓиновска- Илкова доби задача да ја испее и популарната „Гранада“ од Фучито. Таа изведе и дует со Сандра Митровска од операта „Норма“ од Белини.
Режисер на концертот беше Дејан Прошев, концерт мајстор Јане Бакевски, хор мајстори Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска а кореограф е Саша Ефтимова. На концертот диригираше гостинот од Канада, Клод Лаплам, врвен диригент, добитник на голем број на престижни награди и признанија, Настанот заврши со настап на хорот на Операта кој испеа сцена од хорот на циганите од операта „Трубадур“.