Бројката на настани на класична музика во изминатите две години надминува тристотини концерти. Свечената сала на Офицерскиот дом при КИЦ Битола, го оправда епитетот, „најакустична концертна сала во регионот“.
„ Токму во таа грандиозна бројка која го потврдува културното ниво на Општина Битола, значаен придонес имаат Државното музичко училиште – Битола, ИФКМ„Интерфест“, а со особено задоволство ја истакнуваме соработката со Здружението на пијанисти и музички педагози од Битола, со кои имавме бројни настани кои резултираа со зголемена доверба и нови подвизи“, истакнуваат од КИЦ.
Во рамките на одличната соработка Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“, даде вредна донација на КИЦ, Електрично пијано. Во таа прилика во името на Здружението се обратија професорките по пијано, раководните лица на здружението, Марија Шамовска Буџаковски и Јана Четелева Белевска како и директорката на КИЦ Битола, Лили Бошевска.
Во присуство на градоначалникот на Општина Битола Д-р. Тони Коњановски, свечено беше предадено на користење електричното пијано на директорката на Културно Информативниот Центар – Лили Бошевска. По овој прекрасен повод, концерт одржаа младите пијанисти од Државното Музичко Училиште.
Културно информативниот центар е значајна културна институција во која изминативе години настапија врвни музичари. Оваа донација произлезе како плод на традиционалната соработка со Здружението Пијано, со што нивната врска, соработка и пријателство уште повеќе добива на интензитет кој што е потврден и со Меморандум за соработка.
„ Новото електрично пијано никако нема за цел да го замени прекрасното концертно пијано кое што ја краси Свечената сала на Офицерскиот Дом и со својот изглед и со звукот кој дополнително го оплеменува величествениот простор во кој се наоѓа. Намената на електричното пијано ќе биде како помошен инструмент, за да ги зголеми можностите на изведба, да го подобри квалитетот на перформансите, да служи за потребите на уметниците при дополнување на нивните настапи, изложби и перформанси, расвирување пред настапите, а и како мобилен инструмент, бидејќи електричното пијано со својата лесна преносливост ќе овозможи мобилност кога за тоа ќе има потреба. Сите овие предности на овој инструмент ќе ги мотивираат и инспирираат уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето, како и за идејна инспирација“, велат од Здружението „Пијано“.
Електричното пијано е од прочуената германска компанија „Фјурих“. Набавено е од реномираната продавница “Пијано Центар” од Скопје која е специјализирана за продажба на пијана. „ Културата е моќен потенцијал. Заедно со образованието тие се постулат на едно здраво општество. Затоа, оваа донација е мал гест од нашето здружение, но значајна придобивка за нашиот град, па со ова ги охрабруваме сите поддржувачи да пристапат кон чинот на донирање, бидејќи на овој начин оставаме нешто трајно и корисно не само, за нас, туку и за следните генерации“, додаваат од Здружението.
Во обраќањата од страна на раководните лица од „Пијано“ и директорката на КИЦ, беше истакнато дека донирањето не значи само давање на нешто материјално од страна на едно лице на друго лице, туку тоа е едно многу подлабока емоција која со себе носи благодарност, емпатија, почит, разбирање, желба да се направи некој друг среќен.
Ова не е прв пат Здружението „Пијано“ да донира во областа на културата. Изминативе години тие обезбедија средства во вкупна вредност од 2500 евра за реализација на 3 семинари со еминентните пијанисти Рустам Рахмедов од Турција, проф. д-р Кристина Светиева, како и со проф. м-р Дино Имери и сето ова во прилог на младите таленти од Државното музичко училиште. Овој настан е показател на континуитетот на соработка помеѓу институците и здруженијата од областа на културата и образованието и зајакнување на капацитетите на установата за давање уште подобри услови кон младите пијанисти.
Фотографии: Сашо Ставрев и приватна архива на здружението „Пијано“.