Со изведба на претставата „Антигона“ од Жан Ануј и идеи и фрагменти од Софокле, Рој Хен и Александар Морфов, во режија на Александар Морфов и продукција на Драмскиот театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија започна дваесеттото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Во рамките на Фестивалот, кој годинава се одвиваше под мотото „Нови манифести“, во официјалната и во придружната програма беа одиграни девет претстави на театарски куќи од Србија, Турција, Бугарија, Казахстан, Грција и од македонски театарски продукции чиј интерес е античката драма и нејзините современи наративи.
Традиционално и оваа година беа доделени четири меѓународни награди: награда за најдобра женска улога, награда за најдобра машка улога, награда за најдобра режија и „Гран при“ на Фестивалот.
Жири комисијата на XX ИФАД Стоби, во состав: Јордан Витанов, актер, Љупчо Георгиевски, режисер и Катерина Момева, драматург, едногласно ги донесе следниве одлуки за меѓународните награди: Награда за најдобра женска улога се доделува на Илина Чоревска за улогата на Медеја во претставата “My name is Medeja”, режија на Себастијан Хорват, продукција на НУ Народен Театар Битола.
За одлуката во соопштението стои:
„Да се пренесе во современ контекст ликот на Медеја, да се постави обратно од очекуваното со цел да се актуелизира и релативизира во поинакви темпорални рамки, е многу сложена постапка. Всушност во самата претстава, драматуршки, но и на ниво на актерска задача, Медеја претставува лик чив хибрис не е реализиран. Ваквата комплексна театарска и актерска позиција ја толкува и интерпретира Илина Чоревска, преку ликот на Медеја. Во претставата My name is Medeja, Илина Чоревска го гради ликот врз внатрешно доживување, но никако експресивно, туку интровертно преку длабоки индивидуални интроспекции, каде што ликот не може да постигне себереализација во секојдневните мали предизвици. Губењето на визата, распаднатиот брак и детето и се драмскиот товар, но и внатрешна мотивација врз која актерката го гради ликот. Играта на Чоревска е психолошка, ги прикажува состојбите на паничен напад, хистерија, страв од одлука, аксиозност, сите комплексни состојби на современата жена која се занемарува себеси и својот личен мир поради егзистенционални тегоби. Таа тегоба што ја носи, треба да пукне некаде и да ја доведе во состојба да се одмазди убивајќи си го своето дете. Тоа не се случува. Таа внатрешна борба меѓу афектот да се дејствува погубно или да се воспостави контрола над себеси, е всушност најтешката актерска задача на Илина, таа ни прикажува лик кој се обидува да ги контролира своите деструктивни нагони во име на некоја повисока цел, ја доловува состојбата на потисната агресија“.
Наградата и ја врачи директорот на фестивалот Сашо Димоски, а Илина рече:
„Неизмерно сум среќна што во градот на моите претци, на мојот дедо ја добивам оваа награда, јас сум потомок на Трајко Чоревски. Претходната награда Војдан Чернодрински ја добив во градот на мојот друг дел од семејството, еве некако го заокружувам тој пат.Благодарна сум на фестивалот што нашата претстава се одигра на јубилејното издание на фестивалот, благодарна сум на жирито што ја додели наградата која ќе ја носам длабоко во мене во срцето и ќе ме поттикне понатаму да работам уште повеќе и уште подетално. Им благгодарам на Себастијан и Милан што ми ја дадоа шансата јас да бидам таа нова Медеја која ќе го одбележи годинешниот фестивал, им благодарам на мојот театар и директорот Иван Јерчиќ кои ни оставаат простор да бидеме автентични и свои и да градиме улоги како што е мојата Медеја. Им благодарам на сите мои колеги кои ме поддржуваат, но и на оние кои не ме поддржуваат заради тоа што правењето на една улога доаѓа од различни правци. Оваа награда е за мајка ми со која поминавме една пеколна година“.
Специјална награда за оригинално драматуршко толкување и авторство се додели на Билјана Крајчевска за “Жени во собрание”, режија на Ќендрим Ријани, продукција на Театар Комедија.
За оваа награда жири комисијата истакна:
„Античките жени немале формална политичка моќ и тие неможеле да дејствуваат во општествените просеци, затоа што немале права. Напредните жени, кои имале свои ставови за актуелните политички состојби не биле дел од демократијата на Стара Грција, биле исклучени од тие демократски процеси. Што е поразлично денес, можеби преку позитивна дискриминација се задоволуваат одредини концепции, но во основа останува исто. Жената се втемелува во семејството како најважна алка на општеството, но не и надвор од него. Што треба да направат жените за да ги променат тековните процеси и да се актуелизираат во современото општество. Тоа се обидува да ни го одговори или барем да развие дијалектичка дебата – драматургот Билјана Крајчевска. Тргнувајки од првичната фабула на Аристофан, каде жените преправени како мажи влегуваат во собрание, Крајчевска гради една современа приказна, хиперполизирајки го проблемот создавајќи свој оригинален драматуршки концепт – што ако еден ден се забрани работниот статус на современата жена навикната да заработува за живот? Како ќе дејствуваат жените ако повторно ги вратиме во подредена позиција? Низ гротескни слики кои произлегуваат во секојдневието, добро конструирани сцени со вешти драмски стапици, комичен дијалог кој не те остава рамнодушен, Крајчевска ги слави, но и нагрдува жените. Таа доблесно го воздигнува значењето на жената, но женските карактери кои ги конструира не се совршени во нивното дејствување, а токму нивната несовршеност забавува. Експлицитна во начинот на кој ги коментира свевремените проблеми на феминистичката реализација, Крајчевска истовремено ја критикува раскалашеноста на духот кај некои жени кои сакаат да се дограбат до машкиот принцип на дејствување. Овој авторски ракопис отвара прашања за социјалната правда и автентичен во тоа како ги третира меѓусебните релации на жените“.
Крајчевска се заблагодари за наградата која и ја додели драматургот на Велешки театар, Катерина Момева, велејќи:
„Очигледно сум многу возбудена не само заради тоа што ова е моја прва и интернационална награда, туку пред се заради што мојата професија бара пишување, а не зборување, но во секој случај сакам да кажам дека сум премногу благодарна на сите оние што ми ја дадоа шансата да стигнам до оваа награда, а тоа се пред се мојата матична куќа Битолскиот театар кој секогаш стои зад мене во моите подвизи, Фестивалот и селекторот Димоски со кој веќе три години имаме постојана соработка и кој ги актуелизира и им дава шанса, ги мотивира драматурзите, драмските автори. Благодарност до директорот на театар Комедија кој ми дозволи да работам со нив и благодарност до режисерот Ријани и на актерите со кои стигнавме до овој прекрасен момент, претстава. Ви благодарам вам драга публико и на моето семејство и на мојот сопруг кои секогаш ме поддржуваат во моите драмски ситуации кои верувајте повеќе се дома отколку што се на сцена“.
Наградата за најдобра машка улога се додели на Дејан Донков, за улогата на Креонт во претставата „Антигона“, режија на Александар Морфов, продукција на Драматично – куклен театър “Иван Радоев” – Плевен, Р. Бугарија. Наградата за најдобра режија отиде кај Александар Морфовм а претставата ја понесе и наградата Гран при.
За време на Фестивалот беа поставени и три изложби на фотографии и мултимедиуми, се реализираа четири работилници, се одржа панел-дискусија, а за секоја претстава во официјалната селекција беше одржана и тркалезна маса. Во рамките на Фестивалот беше промовирано и третото издание на традиционалната фестивалска публикација. Дваесеттото издание на ИФАД Стоби го овозможија Министерство за култура и Општина Велес.