„Нема ли срце, нема ли
срце – на срце срцето,
срце – ширини широко
срце – длабини длабоко –
цел свет да збере, па да е
за вија гради малечко?“.
Со добро познатите стихови на Кочо Рацин и облечена во македонска народна носија директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски се обрати на присутните на свечено отворање на 53-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола. Андоновска Илијевски за оваа прилика носеше смилевска народна носија и истакна:
„Оваа е носија од каде мене ме влечат прадедовите и прабабините, смилевски корени, носија изработена од ” Убавите жени на мојот народ” кои брзо прецутувале како цут кајсија, како мајски јоргован како што пишувал Блаже Конески, стојам гордо драги гости, и стојам пред нов предизвик, ново издание на Републичкиот фестивал Илинденски денови, фестивал – симбол на инклузивност, заедница,рушење на бариерите и почитување на различностите.
Во денешниот свет со брзо темпо, од суштинско значење е да се потсетиме на важноста за зачувувањето на нашето културно наследство. Нашиот јазик, обичаи,ритуали, песна, игра и срце кое чука во седум/осмински такт, се нишките што нè поврзуваат заедно, формирајќи го ткивото на нашиот идентитет.
Дозволете ни да ги подадеме нашите раце на пријателство и разбирање кон оние од различно потекло. Во различноста лежи убавината и силата а со отворено срце едни кон други, можеме да изградиме мостови на меѓусебно почитување и соработка“.
Оваа година фестивалот се одржува под мотото „Отворен круг“.
„ Отворениот круг, и дизајнот на овогодинешното идејно решение на фестивалот ја раскажува приказната за традицијата која ние новите генерации треба да продолжиме да ја ткаеме на платното од нашите предци, но и да се отвориме кон светот, кон различностите, кон традициите кои на ваквите фестивали ткаат заедничка приказна, во која нема јазични, културолошки, политички, религиски, човечки бариери, а напротив, се испишува спомен за уште едно издание 53 то по ред, на јазикот на пријателството, љубовта и музиката, вткаени во отворениот круг на светското оро кое ќе го рашириме низ Старата битолска чарчија, до плоштадот Магнолија, низ Широк сокак, до платото на Офицерскиот дом“, истакна Андоновска Илијевски.
Таа потоа се осврна на тоа дека фестивалот служи да не потсети на важноста, богатсвото и издржливоста на нашето културно наследство кои и покрај одминувањето на времето, продолжуваат да не инспирираат, едуцираат и маѓепсуваат со својата уникатност.
„Илинденски денови е фестивал кој потврдува дека традицијата останува жива и релевантна иако нашиот свет брзо се менува. Наша задача е аманетот да го предаваме на идните генерации,да инспирираме нови генерации етнолози, етнокореолози, фолклорни работници, играорци, музичари,уметници кои ќе продолжат да ги градат мостовите на разбирање и пријателство кои ги надминуваат границите. Илинденски денови е фестивал на битолчани, празник на градот кој широко ги отвора вратите за светот. Тој е нашиот најубав битолски фестивал, нашиот амбасадор на културата во светот а наша желба е да биде и во иднина државен настан кој ќе остане да биде за пример“, додаде Маја.
На крај обраќањето го заврши со стиховите:
„И да… срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвара
и шири ширно широко –
целиот свет да загрне“.
На Маја за да ја облече носијата на правилен начин и помогна професорот Владимир Јаневски.
Фотографии : Ивона Кочов и Диоген Хаџи Коста Милевски.