Home » Марија Жоао и “ОГРЕ електрик кватрет“ од Португалија го затворија првиот дел од Шекспир фестивалот

Марија Жоао и “ОГРЕ електрик кватрет“ од Португалија го затворија првиот дел од Шекспир фестивалот

by culturalchat

Со настапот на Марија Жоао од Португалија со “ОГРЕ електрик кватрет“ во Народниот театар во Битола беше затворен првиот дел од 9. по ред издание на  Битола Шекспир фестивалот.

ОГРЕ електрик кватрет е иновативен џез и електронски состав кој спојува различни музички стилови, од фанк и хип хоп до поп и класичен – сите што го прикажуваат уникатниот, меѓународно признат вокален стил на Марија Жоао. Заедно со Марија создаваат музика 13 години, а нивниот најнов извор на инспирација е самиот Шекспир.Па така нивниот најнов албум е насловен „Песни за Шекспир“, и дава свеж живот во бесмртните зборови на генијот, како што го нарекуваат.

За прв пат овој проект беше изведен на Фестивалот Ѓула Шекспир во 2015 година, а подоцна на турнеја во Гдањск и Итака, проектот бил толку успешен што во 2022 година го развиваат, соработувајќи со актер во живо на сцената и додаваат длабочина со класичен ансамбл од девет музичари.Во Битола како гости на португалката Жоао беа битолскиот актер Огнен Дранговски, како и Славчо Јовев на тапани и музичари од камерниот оркестар од Битола под диригентска палка на Владимир Димовски.

Инаку, Битола Шекспир фестивалот кој го организира Народниот театар во Битола, оваа година се одржува под мотото “Судбината за играчка ме има“.

Вториот дел од фестивалот ќе се одржи во месец октомври, кога ќе бидат изведени претставите „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец, а во продукција на театарот „Војдан Черондрински“- Прилеп и претставата „Денот на убиствата во историјата на Хамлет“, во режија на Марјан Неќак, продукција на НУ Народен театар-Битола.

 

 

Related Articles