Home » Премиера на документарниот филм „Јанѕа“ во Битола

Премиера на документарниот филм „Јанѕа“ во Битола

by culturalchat

Филмот „Јанѕа“, кој го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, ја имаше својата премиера во Битола во Центарот за култура. Истиот е подготвуван и сниман во период од три години, и драматуршки зборува за патување низ времето, за она што сме денес и што ќе бидеме утре. Филмот е подготвуван според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист, Никола Т. Калајџиски. Во продукција е на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.

Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.

Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали.

Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот XX век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.

„Сакам да кажам само неколку збора зашто ќе ме јаде Јанѕа ако не ги изговорам.  А тоа се зборови на благодарност за сиот труд на авторот и на екипата да создадат документарен филм за таткото на современиот македонски литературен јазик, великанот од Небрегово, Блаже Конески. Јанѕа е моќен збор и посакувам преку овој документарен филм да го раширите по целиот свет заедно со пораката на Конески дека: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!“.истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која присуствуваше на премиерата во Битола.

На настанот беше присутна и дел од екипата на филмот а на присутните се обрати и режисерот Никола Т. Калајџиски. Филмот е подготвуван во период од три години, со над 25 соработници и од 40 до 50 снимачки дена.

Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници / истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.

Филмот е реализиран сo поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.Проекцијата на филмот во Битола беше во рамките на програмата за дбележување на  Денот на македонскиот јазик, под слоганот „Пишувај на кирилица!“.

 

Related Articles