Home » Баба Сисоко,Тони Китановски и Васил Хаџиманов го отворија 6.издание на Џез фактори фестивалот

Баба Сисоко,Тони Китановски и Васил Хаџиманов го отворија 6.издание на Џез фактори фестивалот

by culturalchat

Годинешното 6. издание на “Џез фактори фестивал“во Битола започна со одличен концерт на големата сцена “Благој Стефановски – Баге“ во Народниот театар Битола, концерт за кој се бараше карта повеќе, полна сала, вистинско уживање за сите љубители на џезот.

„Целта за одржување на ЏФФ. е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез фактори фестивалот професорот Сашо Поповски.

Фестивалот беше отворен со настапот на Баба Сисоко од Африка, Тони Китановски од Македонија и Васил Хаџиманов од Србија, а нивниот концерт им донесе многу аплаузи и овации од присутните.

Baba Sissoko доаѓа од Мали. Неприкосновен мајстор на Тамани (зборувачки тапан) за кој инструмент бил инициран од неговите предци Djeli Baba Sissoko, Djeli Maka Sissoko и Djatourou Sissoko. Тој исто така со подеднаква природна умешност користи и нгони (традиционална гитара од Мали), камаленгони („инструмент за млади мажи“, харфа-лаута од 6 до 12 жици наштимани со гласот на музичарот), балафон, калабаш, гитара, висат и секако пее.

Роден во Бамако, Баба потекнува од родот на предците на Малиските Гриоти, чија должност во однос на традицијата е „да се помират срцата и душите“ како што вели тој и додава: „ мојата музика не ми припаѓа мене, туку им припаѓа на сите …за мене музиката е мир“.

Тони Китановски сака да се опише себеси како композитор кој свири гитара. Десетте години поминати во Бостон, благодарение на целосната стипендија на Беркли, беа исполнети со уникатни и екстремни музички откритија кои сега ја обликуваат бојата на неговите изведби.

По враќањето во Македонија егзотичните звуци на мултикултурното ткиво на Бостон, каде традиционалната музика од секој замислив дел на светот може да се најде зад аголот во секое време, беа заменети со подеднакво интригантна балканска разновидност на музички бои засновани на модови и ритми на антиката, византиски и источните традиции.

„Стравот е само илузија, не плашете се да пробате нови неочекувани решенија во вашата музика“, ќе каже Китановски.

Хаџиманов е добро познат на битолската публика. Човекот кој е со фестивалот  од самите почетоци, имено токму тој го изведе првиот концерт на Џез фактори фестивалот. Васил со неговото акустично трио за прв пат ја распродаде салата на Народниот Театар и го подари на публиката највозбудливиот концерт во фестивалската историја.

Вториот концерт беше настапот на Славен Љујиќ триото од Црна Гора и Баптист Хербин од Франција, а овој настап е дел од мрежата во која е Општина Битола, проект кој ги обединува градовите каде има џез фестивали во Франција.

„Славен Љујиќ трио со Хербин“ е проект кој вклучува извонреден мулти-инструменталист и композитор, Иван Маровиќ од Црна Гора на гитара и Тин Џаферовиќ од Хрватска на контрабас; Баптист Хербин (Париз, Франција) на алт саксофон и Славен Љујиќ на тапани, кој е основач на групата од Црна Гора. Триото пред неколку месеци го објави својот деби албум кој беше снимен во живо за време на фестивалот DEUS во Подгорица, Црна Гора во декември 2022 година.

После главната програма следуваше споредната во кафе бар Порта џез  каде настапи „Arnau Garrofé Farràs Quartet“.

Роден во Барселона, Арно Гарофе Фарас својата кариера како музичар ја изгради во Холандија. За време на неговото џез образование во Хаг и Ротердам, тој свиреше во Холандија и Белгија и имаше шанса да свири со големи музичари како што е поранешниот џез гласник Филип Харпер.

Во 2014 година – барајќи нови средства за изразување, Арнау заминува во Азија за да ги прошири своите музички хоризонти. Тој често настапува во клубовите на Бангкок и Куала Лумпур. Од 2016 година живее во Софија и брзо станува еден од најбараните музичари на бугарската џез сцена. Тој е познат по неговите настапи во Биг Бендот на  Брас асоцијацијата, бендот Џез Мачки на Христо Јоцов и е член на Биг Бендот БНР. Во октомври 2016 година, на меѓународниот џез фестивал Џони Радукану – Браила, Арнау беше награден за најдобар соло инструменталист.

Денес на програмата е настапот на Милан Петровиќ квартетот од Србија и Liquid Carpet од Словенија, после што во Камарите ќе настапат Иле Косата заедно Стефан Тасевски. На завршниот ден со почеток од 13 часот ќе настапат United Group Department feat Леана Таќи од Македонија, во Камарите.

Вечерта во НУ Народен театар Битола ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2022 во соработка со Општина Битола, после што следува настапот на Vertitur, non mutatur и Џијан Емин од Македонија. Годинешното 6.по ред издание на Џез фактори фестивалот, се одржува од 13-ти до 15-ти април. Фестивалот се организира под покровителство на Општина Битола со поддршка од НУ Народен Театар Битола, КИЦ- Битола (Офицерски дом) и Министерството за култура.

Фотографии: Вера Христовска

Ивона Кочов

Џез фактори фестивал

 

 

 

Related Articles