Home » Успешно претставување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“ во Бугарија

Успешно претставување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“ во Бугарија

by culturalchat

Македонската опера и балет, се претстави пред публиката во Бугарија, со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Претставата беше изведена во Домот на културата „Борис Христов” во Пловдив. На почеток на настанот беше оддадена почит на жртвите на катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Претставата ја следеше и Агнеза Руси Поповска, амбасадорка на Република Македонија во Република Бугарија, и притоа оствари средба со раководните лица на двете водечки културни установи.

,,Културата поврзува и лекува“,напиша таа на твитер. Покрај неа претставата ја следеа Васо Ристов, директорот на Македонската опера, режисерката Олга Панго, една од најзначајните македонски театарски и балетски кореографи, добитник на најзначајни домашни и меѓунардодни признанија, која ја гледавме и како протагонист во претставата „Петтото годишно време“, композиторката Калиопе Букле, директорката на операта во Пловдив Нина Најденова и музичкиот режисер Диан Чобанов, како и Маријана Кранчева раководител на балетот.

Балетската претстава е инспирирана од истоименото сликарско дело на Пабло Пикасо, со либрето и драматургија на Сашо Димоски, кој исто така беше присутен на изведбата во Бугарија, а во балетска изведба настапија првенките и првенците на Македонскиот Балет.

„Бивајќи загледан во еден свој сон во Пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, врз платното слета една мува. Мувата, еднакво љубопитна колку и јас, почна да зуи насекаде по сликата, да прелетува од еден до друг нејзин крај, да ја испитува со кураторска прецизност. За разлика од мене, мувата имаше можност да го допре платното, на нејзината текстура да ги остави своите отпечатоци врз боите и низ формите. Допирајќи ја сликата, мувата одново ја создаваше, зуејќи. Во тој миг од сонот го скицирав текстот „Госпоѓиците од Авињон‘“, истакна за време на премиерата во Македонија, либретистот Сашо Димоски.

„Димоски во овој миг под македонското театарско небо е синоним за она што во театарот, односно во изведбените уметности, се нарекува современ тренд, она кое традиционално се врзува за кованицата „современ европски театар“. Пишувајќи го либретото за овој балет, Димоски го доразвил „главниот лик“ од драмскиот текст со цел дополнително да ги акцентира врските кои се градат со насловот на овој балет, но и со насловот на сликата на Пабло Пикасо. Приказната ги демистифицира/деконструира петте куртизани препишувајќи ги во пет жени кои го одбележале бурниот љубовен живот на Пикасо и односите кои тие жени ги имаат со „ликови без важни својства“, како што запишал драматургот. Овие пет љубовни приказни, околу кои постојано зуе една мува, формираат целина во заговорот против мувата – со цел да ја убијат, а убивајќи ја – засекогаш да ја впијат во себе“, пишува драматургот Билјана Крајчевска.

А за режисерката Панго Крајчевска ќе напише:

„Панго го препишала либретото на Димоски во кореографски ракопис кој е неверојатно богат, прецизен, кој функционира на принцип на „слики кои оживуваат за да се преживеат одново“, слики од слики кои се движат, секоја со својот сопствен наратив, со својата љубовна приказна која ја раскажува. Богатите елементи се сместени во режисерски концепт кој функционира преку сценски лифтови низ кои ликовите се појавуваат и исчезнуваат. И покрај тоа што е најавен како современ балет, според кореографските елементи „Госпоѓиците од Авињон“ е во голема мера класично дело – што се чита во јасните елементи од азбучникот на класичниот балет“.

Во балетот настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук. Костимограф е Раде Василев, а за мултимедијата и дизајнот се погрижи Емил Петров. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ чиј сценограф е Валентин Светозарев.

Пловдивската публика ги поздрави нашите уметници со долготраен аплауз. Гостувањето е поддржано со финансиски средства на Министерството за култура на Република Бугарија.

Соработката со Македонската и Бугарската опера продолжува и веќе е договорено следното гостување , па така на 17 -ти февруари, операта од Бугарија гостува во Скопје со претставата „ Долгата божиќна вечера“.

Претставата „Госпоѓиците од Авињон“ и битолската публика имаше можност да ја погледне минатата година на сцената на Центарот за култура .

 

 

 

 

 

 

Related Articles