Дел од програмата на општина Битола, по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот, беше и музичкиот маратон „Со љубов за Битола“ кој се одржа во Офицерскиот дом. Настанот го организираа здружението на пијанисти и музички педагози „ПИЈАНО“ Битола, во соработка со Државното музичко училиште и КИЦ Битола. „Со моќта на музиката, со маратонот – кој е симбол за упорност и издржливост, музичкото училиште кое е еден од брендовите на нашиот град и кое што оваа година одбележува 75 години од своето постоење и со здружението ПИЈАНО кое постои за Битола и јасно го глорифицира епитетот “ Битола, град на клавири “, имавме настан кој долго ќе се памети, а битолчани имаа можност за едно целодневно културно уживање“, објаснуваат основачите на здружението Пијано проф.Марија Шамоска Буџаковски и проф.Јана Четелева Белевска. Настанот започна со претставување на изведби на млади музички таленти од музичкото училиште, на сите инструменти кои што се изучуваат во училиштето: пијано, виолина, гитара, соло пеење, труба, кларинет, флејта, ударни инструменти, саксофон итн. Учениците изведуваа дела од различни класични композитори во времетраење од 6 часа и со тоа покажаа зошто ова училиште има толку долга традиција и потврден квалитет. Дел од музичкиот маратон, беше и промоцијата на книгата „Музика“ на битолскиот историчар и хроничар, професор Александар Стерјовски. Ова е осма книга по ред од серијалот “Битолско десеткнижие“, а книгата има 360 страници. „Книгата зборува за развојот на таа музика, осмалнлискиот период, потоа периодот кој следи. Зборува за хорови, оркестри, концерти, посети на слични состави во Битола, а и од Битола надвор низ целата држава. Тука се и традиционалните и европски инструменти, битолските инструменталисти, битолскиот музички амбиент“, истакна проф.Стерјовски. Книгата е и своевидна честитка за училиштето по повод јубилејот. „Во отсуство на монографија или посериозен научен труд за него, нека оваа книга биде честитка и топла благопожелба да продолжи со помали проблеми во работата, со истиот елан и со уште поголеми успеси” , додаде професорот. Тој истакна дека со оваа книга сакаше да потврди дека Битола е најопеан град, да ја запознаеме и да го засакаме своето минато. При промоцијата на книгата медијатор беше директорот на Државното музичко училиште Кирил Стојчевски, извадоци читаше актерот Петар Мирчевски, а промотор на книгата беше битолчанецот, професор Сашо Татарчевски, реномиран диригент и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Целиот настан заврши повторно во духот на музиката со завршен концерт кој што го заокружи овој музички маратон во чест на нашиот прекрасен град.