Home » (Видео + фото)Битолската коњаница „Галоп“ го започна своето патување од Битола до Крушево

(Видео + фото)Битолската коњаница „Галоп“ го започна своето патување од Битола до Крушево

Видео на Димитар Петковски

by culturalchat

Битолска коњаница „Галоп“ своето седумдневно патување  до Крушево, го започнa денес од Офицерскиот дом во Битола, а потоа продолжи по Широк сокак, до Саат Кулата, по Булевар 1-ви Мај се до Црквата „Архангел Гаврил’ во Довлеџик каде беа пречекани од Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски. Митрополитот преспанско пелагониски г.Петар, одржа свечена литургија давајќи им благослов, а градоначалникот  Коњановски, кој е поддржувач на оваа иницијатива, на учесниците во коњаницата им посака голем успех и лесен пат до Крушево.

После денешната служба коњаницата продолжува за село Цапари каде ќе биде пречекана од месното население и ќе биде положено цвеќе на споменикот на загинатите Илинденци.  Битолската коњаница во Крушево треба да пристигне на 31 јули. На 1 август ќе учествуваат на дефиле во Крушево, а на 2 август на Мечкин Камен ќе учествуваат во одбележувањето на државниот празник Илинден.

Во коњаницата учествуваат 12 момчиња и две девојки кои со своите коњи ќе одјаваат пат долг 174 километри. Иницијативата е на Здружението за развој на рурален туризам и организирање Битолска коњаница Галоп Битола и истата има за цел да ја негува традицијата и да покаже благодарност кон сите кои учествувале во формирањето на битолската револуционерна околија, битолскиот револуционерен округ, како и на сите кои учествуваа во организација на Илинденското востание, сите оние кои дале свои животи за слободата на Mакедонскиот народ.

Облечени во автентична носија од Илинденско време, специјално изработена за оваа Битолска коњичка чета, новите млади Илинденци велат дека ова е само почеток, најавуваат дека настанот ќе прерасне во традиција, со уште повеќе учесници во следните години. Oвој настан е во рамките на Илинденски денови и Бит фест.

Фотографии Диоген Хаџи Коста Милевски и општина Битола.

Видео Димитар Петковски.

 

 

Related Articles