Home » Претставена самостојната ликовна изложба на Дијана Колонџоска „Сонувани хоризонти“

Претставена самостојната ликовна изложба на Дијана Колонџоска „Сонувани хоризонти“

by culturalchat

Во кафе “Тигре“ во Битола свечено беше отворена самостојната ликовна изложба на Дијана Колонџоска, „Сонувани хоризонти“, која минатата година беше добитничка на наградата што ДЛУБ ја доделува по повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.Изложбата претставува личен уметнички свет во кој бојата, формата и текстурата се испреплетуваат во слободен визуелен израз. Од апстрактни композиции и геометриски структури до фигуративни мотиви, делата откриваат различни емоционални состојби, внатрешни доживувања и замислени предели. Секоја слика е своевидно патување низ имагинацијата – сон преточен во боја и форма, отворен кон нови хоризонти.
„Секој сон има свој хоризонт, а секој хоризонт крие нова приказна.“„Јас сум уметник кој своето творештво го пронаоѓа во различни форми на ликовно изразување, а особено во апстрактната уметност, ѕидното сликарство, графичкиот дизајн, применетата и фината уметност. Во мојата работа постојано истражувам нови начини на изразување преку боја, форма, линија, композиција и текстура, при што секое дело претставува простор за лична интерпретација, емоција и креативност“, вели Колонџоска.
Апстрактното сликарство и овозможува преку слободната игра на боите, формите и композицијата да изрази емоции и лични визуелни доживувања.

„Посебно место во моето творештво има и ѕидното сликарство – муралот, преку кое уметноста ја внесувам во јавниот простор. Муралот за мене не е само слика на ѕид, туку визуелна приказна која комуницира со луѓето, му дава нов карактер на просторот и создава позитивна енергија во средината. Графичкиот дизајн е уште еден значаен сегмент од мојата работа. Особено ме привлекува изработката на плакати и различни визуелни решенија, каде што уметничкиот израз се поврзува со јасна и функционална визуелна комуникација. Преку изборот на типографија, боја, фотографија, илустрација и композиција, настојувам пораката да биде истовремено естетска, препознатлива и комуникативна“.

Плакатот го доживува како медиум кој може да има и уметнички и комерцијален карактер – да привлече внимание, да пренесе порака, да промовира настан, производ или идеја, но истовремено да функционира и како самостојно визуелно дело. Покрај нејзиното активно творештво, работи и како професор по ликовна уметност, што и овозможува нејзината љубов кон уметноста да ја пренесе и на младите.

„Особено ми значи да ги мотивирам учениците да размислуваат слободно, да експериментираат и преку уметноста да го пронајдат својот личен начин на изразување. Преку различни ликовни активности, работилници и проекти, ги поттикнувам активно да се вклучуваат во создавањето, особено во процесот на изработка на ѕидни слики и мурали. Верувам дека уметноста не е ограничена само на галерискиот простор. Таа може да биде присутна во училиштето, на улицата, на ѕидовите, на плакатот и во секојдневниот визуелен простор. Затоа, мојата работа ја гледам како постојано поврзување на уметноста, дизајнот, образованието и заедницата, со цел да создадам визуелни дела кои не само што се естетски, туку и комуницираат, инспирираат и поттикнуваат креативно размислување“, додава Колонџоска.

Фотографии: Bitola news.

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles