На 12 ноември, четврток со почеток од 18 часот во КИЦ Офицерскиот дом – Битола (свечена сала), ќе се одржи промоцијата на најновата книга на Христијан Аџиоски со наслов „Клетва под каменот“ – сенката на едно предавство како зарек за народна осуда.
„Некои приказни не умираат, само чекаат некој повторно да ги раскаже…“, вели Аџиоски и додава: „Јас, еден занесен талкач по витрините на минатото, изгубен витез во безвременската сегашност и опседнат сонувач кој живее во сопствените приказни, ве поканувам на промоција на мојата шеста книга. Приказна која како што се создаваше во мене, долг период ме прогонуваше и мечтаев еден ден да биде напишана. И си ја напишав, за да живее како завештание на мојот народ, кому приказните и песните му ја чуваа историјата низ вековите. Нема да го објаснувам чувството да се помириса хартија на која се напечатени сопствените мисли. Среќа е да се живее со таков благослов“. Тој вели дека ликовите на кои им вдахнал живот во овој роман неколку месеци живеле со него, па дури и ни во сонот не сакале да го напуштат.
Кога туѓи војски ни ја разоруваа земјата и на Македонците им беше забрането да бидат стопани на својата судбина, се раѓа предавство кое преживува како единствен сведок за едно премолчено страдање. Но што останува под каменот кога времето ќе ги покрие сите траги? За ова и многу повеќе ќе дознаете од самата промоција и секако од книгата. Промотор на истата ќе биде Ана Жежовска-Кузманоска, заедно со Никола В. Ристевски кој е и рецензент, модератор: Билјана Граматковски, музичка изведба: Димитар Србиноски.
Настанот е поддржан од Културен и информативен центар КИЦ – Битола.
