Home » Битолските актери Соња Михајлова и Петар Мирчевски дел од најновиот филм на Манчевски „Сестра, брат и шахта“

Битолските актери Соња Михајлова и Петар Мирчевски дел од најновиот филм на Манчевски „Сестра, брат и шахта“

by culturalchat

Најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, денес ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, каде што е дел од натпреварувачката селекција. По премиерата, Манчевски и дел од актерската екипа ќе учествуваат во разговори со публиката и со медиумите, а се предвидени и дополнителни проекции на 2 и 3 ноември. Филмот е црна комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството и преку кражба и продажба на споменици и шахти се соочуваат со корупцијата и општествените неправди. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.Во главните улоги се Сара Климоска, Филип Трајковиќ, битолските актери Соња Михајлова и Петар Мирчевски, како и Јасмина Василева, потоа и Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Стефан Николовски, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Продуцент е Јане Ќортошев. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија. Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

„Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“, вели Манчевски. Токму ликот на бабата го игра битолската актерка Соња Михајлова. За само една година, Манчевски сними два филма – долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, во продукција на „Банана филм“, а го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, кои несебично го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака. 39.издание на фестивалот во Токио се одржува од 26 октомври до 4 ноември 2026 година.

На следниот линк трејлерот од филмот.

 

 

Related Articles