Home » Суки Меденчевиќ: Светлото, бојата и леќите како алатки за раскажување приказна

Суки Меденчевиќ: Светлото, бојата и леќите како алатки за раскажување приказна

by culturalchat

Кинематограферот Суки Меденчевиќ, ASC, одржа мастерклас во Кино „Манаки“ во Битола, во рамки на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во фокусот на предавањето беше неговата работа на серијата Shining Vale, низ која Меденчевиќ детално го претстави процесот на создавање на визуелниот јазик на серијата, од изборот на камера и леќи, до осветлувањето, бојата и начинот на кој кинематографијата ја поддржува приказната. Меденчевиќ на присутните им прикажа сцени, трејлери и материјали од снимањето на Shining Vale, објаснувајќи ги одлуките што стоеле зад изгледот на серијата. Тој зборуваше и за предизвиците при создавањето на куќата која е еден од клучните елементи во приказната – простор кој постепено станува речиси како самостоен лик.

Shining Vale е хорор-комедија за дисфункционално семејство кое се обидува да започне одново, преселувајќи се од градот во стара куќа со мрачно минато. Приказната го следи семејството Пелпс, чиј однос дополнително се усложнува откако мајката Пат, писателка која се бори со креативна блокада и сопствени психолошки проблеми, почнува да доживува необични и натприродни појави во куќата.

„Она што ме привлече кај приказната е нивото на сторителингот“, рече Меденчевиќ, зборувајќи за причините поради кои проектот му бил интересен. Според него, визуелниот пристап мора да биде во функција на приказната, а особено внимание посветил на светлото, бојата и изборот на леќи. Токму светлото и употребата на бојата биле меѓу клучните теми на неговото предавање. Меденчевиќ објасни дека за Shining Vale биле користени потопли тонови, а изборот на леќите бил важен за создавање на специфично чувство во различните сцени.

„Многу сакам да има светло во средина на кадарот. Тоа дава драматичен, театрален изглед“, објасни тој, посочувајќи како светлото може да стане дел од визуелниот наратив, а не само техничко средство за осветлување на сцената. Еден од најинтересните моменти од мастер-класот беше начинот на кој Меденчевиќ го претстави осветлувањето на куќата. Првичниот пилот на серијата бил снимен во стара куќа во Јужна Пасадина, но за продолжението продукцијата изградила реплика на куќата на студиски сетови. Тоа создало посебен предизвик за кинематограферот: сетот требало да изгледа природно без оглед на тоа од кој агол е поставена камерата.

„Моравме да создадеме локација исто како куќата во Пасадина. Имавме многу амбиентално светло. Имаше софт светла над прозорците“, објаснуваше Меденчевиќ, говорејќи за практичните решенија со кои е постигнат посакуваниот изглед. Тој сподели и пример за тоа како ограничувањата можат да доведат до едноставни, но ефикасни решенија. Кога нема голем буџет за опрема, објасни, хартиените топки можат да се користат за создавање меко светло.

Related Articles