Home » Државното музичко училиште – Битола со рекордна заинтересираност: околу 650 ученици во пресрет на 80-годишниот јубилеј

Државното музичко училиште – Битола со рекордна заинтересираност: околу 650 ученици во пресрет на 80-годишниот јубилеј

by culturalchat

Државното музичко училиште – Битола во пресрет на својот голем 80-годишен јубилеј бележи рекордна заинтересираност за упис, што претставува уште една потврда за квалитетот и успешната работа на оваа образовна институција.
Оваа учебна година, интересот за запишување во прво одделение во основното музичко образование е особено голем – училиштето бележи рекордна заинтересираност од околу 120 нови првачиња. Заедно со учениците од средното музичко образование, ДМУ – Битола денес брои околу 650 ученици. Во средното музичко образование учениците имаат можност да се образуваат во три образовни профили: теоретски профил, инструментален профил и традициски играч-пејач, со што училиштето нуди широка можност за музичко образование и развој на младите таленти.
Оваа бројка е особено значајна ако се има предвид општиот тренд на намалување на бројот на ученици во училиштата во земјава. Додека бројот на ученици во многу образовни институции бележи пад, Државното музичко училиште – Битола секоја година бележи зголемен интерес и нагорна линија во бројот на запишани ученици. Успехот не е случаен. Тој е резултат на квалитетот на наставата, посветеноста и стручноста на наставниот кадар, но и на континуираното вложување во создавање подобри услови за работа и образование. Во изминатиот период училиштето посветено работи на унапредување на условите во кои учениците го стекнуваат своето музичко образование – од подобрување на инфраструктурата и опременоста, до набавка на нови инструменти и создавање современа и стимулативна средина за работа и творење.
„Фактот што секоја година имаме сè поголем интерес за нашето училиште е најголемата потврда дека работиме во вистинска насока. Особено нè радува што родителите и учениците го препознаваат квалитетот и потенцијалот што го нуди ДМУ – Битола. Нашата цел е училиштето да продолжи да биде место каде што талентот се препознава, се развива и се претвора во знаење, уметност и успех“, истакнува раководството на училиштето.

Следната 2027 година ќе биде особено значајна за ДМУ – Битола, кога ќе се одбележат 80 години од постоењето и успешната работа на училиштето. Во тек се подготовките за јубилејната година, а наскоро јавноста ќе биде запознаена со богатата програма и агенда на настани што ќе следуваат во текот на 2027 година. Од училиштето најавуваат дека јубилејната година ќе донесе бројни концерти, уметнички настани, проекти и активности кои ќе го одбележат осумдеценискиот континуитет на музичкото образование во Битола.
80 години традиција, знаење и музика – и поглед кон иднината со уште поголеми амбиции.
ДМУ – Битола влегува во својата јубилејна година со полни училници, голем интерес и нова генерација млади музички таленти.

Related Articles