Home » Започна Бит фест 2022

Започна Бит фест 2022

by culturalchat

Со голем огномет и концерт на Каролина Гочева беше отворено битолското културно лето Бит Фест. Над 2000 гости, синоќа го исполнија амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја. Oд оваа година Бит фест има нов концепт, а концертот на Каролина потврди дека, ваквиот пристап почнува да се реализира уште од првиот ден на фестивалот и истиот соодветствува со очекувањата на публиката, за културно лето кое нуди квалитетни содржини.

Главен иницијатор за новиот содржински пристап во организација на БИТ ФЕСТ е градоначалникот  на општина Битола, Тони Коњановски, кој вчеравечер го означи почетокот на културното лето во Битола.

„Битола и вечерва потврдува дека е град кој живее со културата, град во кој низ различни историски периоди се создавале, надградувале и промовирале, карактеристични културни обележја, кои и денес се наше богатство, гордост и должност. Токму затоа и културните настани кои се случуваат во Битола, секогаш треба да бидат одраз на спецификите со кои се гордееме, а преку нив да ја промовираме македонската култура и традиција, притоа водејќи грижа за градење силни меѓународни врски, кои ќе овозможат континуиран напредок во сите области. Во оваа смисла, годинава воведуваме нов концепт на културното лето, кој верувам дека ќе го привлече и задржи вниманието на публиката“, истакна Коњановски.

До 31 август, со музички настапи ќе биде исполнета Хераклеја, ќе има повеќе концертни настапи во Офицерскиот дом, ќе се овозможи културно раздвижување на повеќе отворени сцени, а во соработка со националните институции од културата низ повеќе филмски проекции, театарски претстави, изложби и други културни настани.

„Верувам дека ќе имаме навистина посебно Битолско културно лето, за кое сите ќе зборуваме со суперлативи, што очекувам да биде поттик за секој од нас, во секоја следна година да даде мал креативен влог кон неговиот раст, професионализам, идентитет – карактеристичен за Битола. Настаните нека бидат потврда на нашите напори да реализираме културно лето какво што и доликува на Битола, а притоа да направиме, културата во Битола да живее во текот на целата година“, додаде градоначалникот на општина Битола на отворањето на Битолското културно лето.

Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир Фестивал, Илинденски денови, Локум фест, Фестивалот Браќа Манаки, Балкан Гала Фестивалот и гостувања на еминентни изведувачи, годинава се само дел од културните случувања на Бит Фест.

Каролина Гочева рече дека е среќна што после неколку години повторно се гледаат на едно од најубавите и најпосакуваните места за секој уметник, амфитеатарот во Хераклеа. Претходно таа тука имаше концерт во 2018 година. Таа е еден од најдобрите женски вокали во Македонија, успеа да внесе прекрасна двочасовна атмосфера низ нејзините големи хитови, меѓу кои „Да е сон“, „Од нас зависи“, „Кажи ми“, „За нас“, „Знаеш колку вредам“ и многу други, а на барање на публиката, со повторно враќање на бис, Каролина Гочева, концертот го заврши со песната „Кој да ми запее“.

Од 2001 година Битолското културно лето се одржува во организација на општината Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето со акроним БИТ ФЕСТ.

Оваа година се реализира во заедничка организација на општината и културно информативниот центар од Битола. Квалитетните содржини, кои за време на летниот период ќе се случуваат во Битола, најавуваат високо естетско издигнување на фестивалот, креативност, професионализам, негување на традицијата, но и грижа за културниот напредок на градот.

На отворањето на БИТ ФЕСТ 2022, присуствуваа голем број битолчани, но и гости од другите градови во државата. Меѓу присутните беа и Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалниците на неколку соседни општини, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, членови на Советот на општината, како и претставници на националните институции од културата и јавните претпријатија од градот.

 

 

 

Related Articles