15 години секој детски сон станува јаве. Во традиционалниот термин од 3 до 7 август, Битола ќе биде центарот на театарот за деца во земјава и пошироко. Јубилејното 15. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ ќе се одржува на пет сцени во НУ Центар за кулутра – Битола и НУ Народен театар – Битола.
Во официјалната фестивалска програма од натпреварувачки карактер учествуваат 7 театри од 7 земји: Литванија, Романија, Словенија, Турција, Баскија, Србија и Црна Гора. Најдобрата претстава ќе го добие феситвалското Гранд-при за најдобра претстава во целина кое ќе го додели тричлено стручно жири, оваа година предводено од хрватскиот актер и режисер Ивица Шимиќ. Тој е основач на хрватскиот театар „Мала сцена“ од Загреб и поранешен генерален секретар на Assitej – светската организација на детски театри. Заедно со Шимиќ за наградата ќе одлучуваат македонските театарски првенци: Ана Левајковиќ – Бошков која минатата година одбележа 30 години на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје и Петар Горко кој во 2024 година одбележа 35 години кариера на сцената на Битолски театар.
„Годинава, интересот за учество беше исклучителен – пристигнаа повеќе од 70 пријави од театри од над 30 земји ширум светот. Од нив, селектиравме разновидна и високо квалитетна театарска продукција од седум држави, која на публиката ќе ѝ понуди богато и инспиративно фестивалско искуство. Од Литванија ни доаѓа сензорна претстава наменета за најмладата публика, од Романија пристигнува сценска интерпретација на легендарната приказна за Дракула. Претставата од Црна Гора на креативен и топол начин зборува за тоа како да се соочиме со тремата. Во програмата се вклучени и куклена претстава со автентична баскиска музика, како и емотивна приказна за „изумрените предмети“ на нашите родители. Театарот од Турција ќе им помогне на децата да ги препознаат и разберат своите чувства, додека словенечките гости ќе нè потсетат на безвременската вредност на другарството.“ – вели директорот на фестивалот, Филип Етмишовски.
Фестивалот ќе го отвори на 3 август, Театарската школа „Бабец“ со претставата „Како се станува цар“ а се затвора на 7 август со новата премиера на Бабец театар – „Мајка (Magna Mater)“. Во придружната програма на 4 август е училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје а на 5 и 6 август децата во Битола за првпат ќе гледаат Јапонски Камишибаи претстави и тоа вкупно шест. „Битолино“ и ова фестивалско издание покрај претставите нуди и едукативна програма. Професорката Јованка Улиќ од Нови Сад, Србија три дена заедно со децата ќе подготвува Јапонски Камишибаи претстави. Најмалите битолчани ќе ги цртаат и пишуваат своите претстави, кој ќе бидат изведени пред доделувањето на фестивалското Гранд-при. Јубилејно издание ќе понуди врвна уметничка програма за деца и ќе отвори важни теми за најмладите со што „Битолино“ ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните фестивали за детски театар во регионот.
