Концертот на Габриела Новевска со наслов „Малој моме цвеќе брало“ кој се одржа на платото на Офицерскиот дом Битола ја воодушеви публиката. Истиот беше вечер посветена на македонските изворни и народни песни, дел од годинешната програма на „Илинденски денови“ и Бит фест, како и на Етно Фестивалот претходно во Охрид.
„Долги години бев дел од фестивалот Ilindenski denovi , најпрво како сценски учесник, како дел од стручните семинари и најпосле како координатор на странските учесници.
Безброј спомени и културни настани ме врзуваат со овој град и пресреќна сум што вечерва токму тука ќе ја претставам македонската народна песна, онака како што ја доживувам-со огромна почит, блиску до оригиналот, но сепак модерно и современо“, истакнува Новевска.
Таа неодамна настапи и во Старата Битолска Чаршија како дел од јубилејното 20.издание на Локум фест во „Кафе де Анатолија“ на Били Естебан, Александар Јовевски. Од 2008 година таа е главен вокал на етно-групата „Монистра“. Својата професионална кариера ја гради како пејач во Националниот ансамбл на народни игри и песни на Македонија „Танец“, каде е вработена од 2013 година. Вели дека народната песна е онаа што ù ја исполнува душата, дека најмногу ја слушала Вања Лазарова, дека од неа ги научила гајдарските украси и динамиката, извиците, пејачка која израснала со македонската фолклорна традиција и гордо и успешно ја пренесува.
Фото: Сашо Ставрев

Фото галерија: Сашо Ставрев
