Со песната „Стерна – кодот на Конески“ од Мирјана Стојановска, во музичка придружба на виолинистката Милена Марковска од Камерниот оркестар од Битола, во Културниот и информативен центар Битола, се одржа 15. издание на поетскиот фестивал „Поетски синтези-2026“ во организација на Здружението за наука и култура „Нова“, под покровителство на општина Битола, во рамките на битолското културно лето „Битфест 2026“. Фестивалот свечено го отвори градоначалникот на општина Битола д-р Тони Коњановски, а поздравен говор имаше проф. м-р Мирјана Стојановска, претседател на Здружението за наука и култура „Нова“.
-Поетите го искажуваат она што обичните луѓе не можат да го сторат. Тие оставаат трага за идните генерации, поетски запис за нашиот јазик, за нашиот идентитет. Вештачката интелигенција не е замена за пишуваниот збор. Затоа треба да се негува и почитува уметноста на зборот, истакна меѓу другото градоначалникот Коњановски.
-Уметноста на јазикот е најтешката уметност, а песната уточиште на вистините кои поетите ги пренесуваат на посебен начин, како жед за животот. Во нив се слави љубовта, убавината, се пренесуваат чувства, се негодува на реалната општествена стварност, се создава нова визија која го менува светот, истакна Стојановска, организатор на поетскиот фестивал „Поетски синтези“.
На фестивалот, со избор поезија се претставија петнаесетина поети–членови на Друштвото на писателите на Македонија, меѓу кои: Гордана Јовиќ Стојковска-претеседател на Друштвото на писателите на Македонија, Љерка Тот Наумова и Елена Пренџова од Скопје, Мирјана Стојановска, Весна Мундишевска-Велјановска и Даниела Андоновска-Трајковска од Битола, Петре Петрески, Оливера Андоноска, Габриела Стојаноска-Станоеска и Тони Павлески од Прилеп, Лидија Дочовска-Павловска од Ресен и Мери Арсова од Демир Хисар. Тричлена жири комисија ја додели традиционалната наградата „Поетска муза“ за најдобра интерпретација на песна на поетесата Мери Арсова, а две награди „Поетски хоризонти“ за стилска композиција на песна им припаднаана Гордана Јовиќ-Стојковска и Весна Мундишевска-Велјановска.
Во изминатите години, на овој фестивал се претставиле стотина поети од нашата земја, како и поети од Хрватска, Србија, Италија, Германија, Романија, Австралија и Канада, се одржале десетина симпозиумски теми, а фестивалот го проследиле повеќе од илјада посетители. Заради финансиската конструкција, овогодишниот фестивал имаше национален карактер со гости само од нашата земја. Но, градоначалникот Коњановски истакна дека за следната година ќе се направат напори да се врати меѓународниот карактер на овој фестивал.






