Во Културно информативниот центар во Битола, на 9-ти јуни, четврток, концерт ќе одржат Горан Трајковски на саксофон и Маја Божиновска на пијано, а во рамките на меѓународниот фестивал за саксофон и кларинет СаксКлар 2022.
Програмата е составена од дела на Клод Дебиси, Астор Пијацола, Ида Готковски и други.
Горан Трајковски своето музичко образование го гради во Државното музичко училиште во Битола, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Стојан Димов, каде и магистрираше во 2011 година. Во својата кариера како солист бележи настап со Македонската Филхармонија и Битолскиот камерен оркестар, во кој и самиот е дел како саксофонист по потреба.
Учесник е на повеќе семинари кај врвни уметници и педагози, како што се проф. Детлеф Бенсман, професор на Универзитетот на уметности во Берлин, проф.Драган Сремец, професор на Музичката Академија во Загреб, Јоргос Лигеридис професор на Универзитетот во Солун и др. Од 2014-та работи како професор по саксофон и кларинет во Државното музичко училиште во Битола, каде неговите ученици бележат врвни резултати на домашни и меѓународни натпревари.
Пијанистката Маја Божиновска е уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми. Како уметнички соработник во камерни состави и како член на Симфонискиот и Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Камерниот оркестар на Битола, учествува на Шопенова вечер, Есенски музички свечености, Златна лира, Битфест, Денови на македонска музика, Скопско лето каде остварува и соло настапи.
Својот изведувачки израз го покажува и преку остварување на високи резултати на државни и меѓународни натпревари како Охридски бисери, Montrond les bais во Франција, Даворин Јенко Србија и др. Дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а во 2015 година е избрана за активен студент на мастеркласите по пијано раководени од пијанистката Лилја Зилберштајн во реномираната Academia musicale Chigiana во Сиена- Италија, каде реализира и свој настап на летниот музички фестивал Chigiana International music festival- Il Classico Inatteso – Siena. Соработката со Лилја Зилберштајн продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под чие менторство запишува магистерски студии кои ги заокружува во 2017 година.
Уметничкиот израз го надградува на мастеркласи со светски познатите пијаинисти Елена Дикова Бугарија, Роберт Лербаумер Австрија, Ендре Хегедус Унгарија, Луле Елези Косово, Јаромир Клепач Чешка, Алексеј Володин Русија. Од 2015 год. работи како професор во Државното музичко училиште во Битола, каде со своите ученици остварува значајни резултати. Неодамна беше доитник на специјално признание на Интернационалниот натпревар GOLDEN PIANO TALENTS COMPETITION односно Златни таленти по пијано. Палатата на културата – Офицерски дом е местото во Битола на најсветлите музички доживувања.
Концертот е со почеток од 20 часот.