Во горното фоаје на НУ Центар за култура – Битола, беше отворена изложбата на делата на македонскиот академски сликар Владимир Георгиевски, еден од најзначајните автори во современата македонска ликовна уметност. На отворањето присуните ги поздрави директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, а за творештвото на уметникот говореа Јасминка Намичева и Фросина Георгиевска, кои ја доближија неговата уметничка и човечка димензија до присутната публика.
Пред битолската публика беа претставени дваесетина дела изработени во различни техники, кои нудат можност за поблиско запознавање со богатиот творечки опус на авторот, неговите мотиви, уметнички истражувања и силните пораки што ги носи неговото сликарство. Изложбата е дел од проектот што веќе три и пол години патува низ Македонија преку „Мјузеум линк“ – неформална мрежа на домови на култура и локални музеи, со цел делата на Владимир Георгиевски да бидат достапни до што поголем број граѓани, особено до младата публика. Досега поставките беа претставени во 29 градови низ државата, а Битола е триесеттиот домаќин на ова значајно културно патување. Претставените дела се дел од семејната збирка, во избор на Фросина Георгиевска, додека организацијата и координацијата на изложбите се реализираат со поддршка на Јасминка Намичева од Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архефакт“ од Скопје. Изложбата останува отворена за посетителите до 06 јули. 





