Во концертната сала на Државното музичко училиште во Битола, се одржа успешна изведба на адаптацијата „Волшебен еликсир“, сценарио според либретото и музиката од операта „Љубовен напиток“ на Г. Доницети. Автор на проектот и ментор е проф.м-р Маја Митровска, во соработка со проф. Анастасија Гичевска како стручен соработник. Во изведбата учествуваа учениците од класите по соло пеење на проф. Магдалена Наумоска, проф.м-р Маја Митровска и проф. Никола Зацески, ученици од традицискиот оддел, ученици од класите по пијано на проф.д-р Јана Четелева Белевска и проф. Билјана Димовска: Леонид Јанковски, Илијана Серафимова, Марко Марковски, Климент Ристески, Симона Ангеловска, Кристина Трајановска, Леона Јанкоска, Ена Крстеска, Михаела Лазареска, Андреа Атанасовска. Селани и војници: Барбара Гиноска, Михаела Лажоска, Сара Николоска, Антонија Донеска, Јан Неќак, Ангел Кулески, Филип Јанкуловски, Филип Петровски Насух, Маркијан Поповски, Емануел Петрески
и Филип Ѓорѓиоски. По тој повод поразговаравме со проф. Митровска околу сите предизвици на подготвување на овој проект.
М.М. Неколку месеци работевме посветено и интензивно во просториите на нашето училиште, каде што овој проект стана вистински пример за заедништво. Се обединија пејачката класа, пијанистите и учениците од традицискиот оддел, и токму таа сплотеност му даде посебна вредност. Имаше предизвици, замор и отпор, но и многу радост и напредок. Ова беше процес во кој растевме сите заедно.
Какви се младите денес и што им е најпотребно?
М.М. – Младите како и секогаш имаат огромен потенцијал, но денес тие живеат во време на многу влијанија, често и несоодветни. Сведоци сме на насилство и содржини кои не им помагаат да се развиваат здраво. Како родители и педагози, мора повеќе да внимаваме – особено кога не сме покрај нив.
Како се одвиваше работата со учениците?
М.М. – Работевме до доцна, некои ученици патуваат од Прилеп, други брзаат за ручекот во средношколскиот дом, сите доаѓаа уморни, но сепак остануваа. Овој проект им беше мотив. Кога децата се креативно ангажирани, тиедаваат многу повеќе отколку што очекуваме.
Што беше највредно за Вас?
М.М. – Нивната посветеност и искреност. И крајниот резултат – секако! Тоа беше потврда дека сум им дала нешто вистинско: внимание, доверба и простор да се изразат,а тие возвратија со успех.
Што значи да се биде педагог?
М.М. – Да си неуморен, креативен, да ги сплотуваш учениците… Да ги третираш учениците со љубов како свои деца, да ги разбираш но секако дека треба да се постават и граници. Секој од нив е еден мал свет полн со убавини но и личен товар.
Кој е најголемиот предизвик во воспитувањето и работата со деца?
М.М. – Сите грешиме – тоа е неизбежно. Но големината е во тоа да не се откажуваме. Да се обидуваме одново и одново да им помогнеме да израснат во добри луѓе. Ако тоа го постигнеме, тогаш сме направиле најмногу. Патот во животот тие сами ќе си го пронајдат.
Какво чувство Ви остави проектот?
М.М. – Гордост и среќа. Чувство дека сме направиле нешто вредно – и како уметност, и како воспитување.
Публиката уживаше во оваа ведра и духовита комедија, ја испрати изведбата со задоволство и топли реакции со надеж дека ваквите настани нема да останат во рамките на училиштето, туку ќе излезат надвор од него и ќе допрат до поширока публика.
Фото: насловна Ивона Кочов, останати фотографии Културал чет



