Home » Наградата за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе го носи името на актерот Кирил Ристоски

Наградата за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе го носи името на актерот Кирил Ристоски

by culturalchat

Од оваа година, наградата за главна машка улога на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе го носи името на актерот Кирил Ристоски, по предлог на неговото семејство.

„Благодарност до претседателката и уметничка директорка Ана Стојановска и членовите на Управниот одбор на фестивалот МТФ “Војдан Чернодрински” – Прилеп за оддадената почит кон неговиот придонес за македонскиот театар“, истакна неговата ќерка Ана Ристоска.
Кирил Ристоски беше македонски актер и универзитетски професор, роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје. По дипломирањето, една година бил вработен во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а веќе во 1978 година ја добил својата прва награда на Фестивалот Војдан Чернодрински за улогата во претставата „Манги пијат чај“, што резултирало со негово вработување во Драмата на Македонски народен театар, Скопје. Во следните десет години Ристоски ќе игра носечки улоги на репертоарот на Македонскиот народен театар, редовно соработувајќи со режисерите: Бранко Ставрев, Љубиша Георгиевски, Слободан Унковски и Владимир Милчин.
Паралелно со својата актерска кариера, Ристоски во 1982 година ја започнува својата педагошка дејност, најпрво како асистент по предметот актерска игра на Факултетот за Драмски уметности. Во 1988 година бил избран за доцент, во 1998 година станал редовен професор на ФДУ, во два мандата бил член на Сенатот на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје, а во 2009 година бил избран за декан на ФДУ. Како декан на ФДУ, во исклучително тешки економски услови, успеал да го динамизира факултетот со отварање на Мастер студиите во седум области од изведувачката и филмската сфера, на кои се запишале рекорден број студенти. Во својата 27-годишна педагошка дејност, како омилен професор под негово менторство се едуцирале генерации денес еминентни актери, кои го носат репертоарот во сите театри во Македонија. Името на Кирил Ристоски е тесно поврзано со развојот на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во 1997, тој го реструктурирал и десет години (1997-2006) успешно го водел македонскиот театарски фестивал, придонесувајќи за неговиот развој и квалитет, со воведување нови програми и обезбедувајќи управувачка стабилност и континуитет во време на општествени и културни турбуленции.
За македонската театарска наука Ристоски е актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што македонската театарска историја ги памети. Од неполни 63 проживеани години, Кирил Ристоски 46 ги одживеал како професионален актер. Остварил над 80 улоги од светската и домашната драматургија, скоро во сите театри во Македонија. Позначајни ролји: Актерот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј (во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), (С.Т.Верховенски во „Бесови“) и други.
Снимил над 20 ТВ драми, ТВ филмови и ТВ серии. Позначајни улоги во филмовите: „Пред дождот“, „Црвениот коњ”, „Јазол”, „Тетовирање“, „Тајната книга“ и други. Снимил над двесте радио драми. Одработил недобројни поетски и други настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата. Добитник е на повеќе награди и признанија за актерски остварувања, од кои пет на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп за улогите во: „Манги пијат чај“ (1978), „Тартиф“ (1986), „Спиро Црне“ (1989), „Колобан“ (1992) „Арсениј“ (1994).
Како Претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во 1998, Ристоски одбил да му биде доделена наградата за главна машка улога во претставата “Полковникот птица” (1998). За улогата во „Арсениј“ ја добил и наградата „Ристо Шишков” во 1994 година. Бил глумец на годината (1992) на списанието Екран. Ристоски е добитник на државните награди: Награда на град Скопје „13 Ноември“ и Награда за животно дело на град Прилеп, „3 Ноември“.
На МТФ „Војдан Чернодрински“ постхумно му е доделена награда за животно дело. Својата последна премиера „Бесови“ ја одиграл на сцената на МНТ, доаѓајќи со влошена здравствена состојба од болница на сцена, што зборува за неговиот беспрекорен однос кон својата професија. Кирил Ристоски по кусо боледување починал на 30 јуни 2011 година, во Скопје.

Related Articles