Home » Промовиран првиот битолски AI спот за легендарната „Прстен за неа“

Промовиран првиот битолски AI спот за легендарната „Прстен за неа“

by culturalchat
Малата сала на Центарот за култура беше исполнета со носталгија и восхит за време на промоцијата на најновиот видео проект за една од најпрепознатливите нумери на Сефедин Бајрамов, „Прстен за неа“. Овој пат, безвременскиот хит доби визуелна приказна создадена со помош на најсовремената вештачка интелигенција (AI) – дело на Томи Димовски. Иако песната со децении живее во срцата на публиката, новиот спот успеа да направи спој кој ретко се гледа: дигитална прецизност вткаена во битолската староградска архитектура и дух.
Самиот интерпретатор, Сефедин Бајрамов, призна дека на почетокот бил скептичен кон користењето на вештачката интелигенција, но крајниот резултат го демантирал.
„Ова е чекор во едно ново време. Како повозрасни, често сме внимателни кон новите технологии, но овој спот е натпросечно остварување. Сакам помладите генерации да видат дека квалитетната музика нема рок на траење, само нови начини на раскажување“, истакна Бајрамов.
Авторот на видеото, Томи Димовски, откри дека секој кадар е внимателно дизајниран за да ја рефлектира автентичноста на градот на конзулите. Гледачите ќе имаат можност да ги препознаат eлеганцијата на некогашниот хотел „Ориент“; Духот на Пекмез пазар; Мистичноста на старата влашка црква „Свети Константин и Елена“; Детали од Градската соба во битолскиот музеј, вклучително и автентичниот фустан на главниот лик.
Зад овој проект цврсто застанаа и авторите Валентин Соклевски и Миодраг Неќак. Соклевски, кој е долгогодишен соработник на Бајрамов и со емотивни зборови ја опиша моќта на музиката.
„Песната е како дете – има родители кои ја создаваат, но доаѓа момент кога ја предавате на интерпретаторот и таа почнува свој сопствен живот. Како птица, таа лета и си прави гнездо во душите на луѓето“, вели Соклевски.
Проектот, првично беше замислен како изненадување за големиот концерт на Сефедин одржан во февруари, но поради својата уникатност и уметничка вредност заслужено доби своја посебна промоција. Овој спот не е само видео запис, туку дигитален споменик на битолската култура која продолжува да пулсира и во 21-виот век.

Related Articles