Home » Агенцијата за филм на Македонија на Европскиот филмски маркет во Берлин

Агенцијата за филм на Македонија на Европскиот филмски маркет во Берлин

by culturalchat

Агенцијата за филм и оваа година е присутна со свој промотивен штанд на Европскиот филмски маркет (EFM), кој се одржува од 12 до 18 февруари во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин – Берлинале. Македонскиот штанд е поставен на централна локација во музејот, каде традиционално се одвива индустрискиот дел на фестивалот.
Преку присуството на маркетот, македонската делегација ќе ги претстави најновите филмски остварувања и актуелни проекти од домашната кинематографија, и ќе реализира средби со потенцијални меѓународни партнери со цел воспоставување нови копродукциски соработки. За таа цел е подготвен специјален промотивен каталог и обемен информативен материјал што ќе ја презентира современата продукција и креативниот потенцијал на македонските автори.
Особено значаен момент оваа година претставува премиерата на филмот „17“, во режија на Косара Митиќ, во програмата „Перспективи“ на Берлинале – селекција посветена на најдобрите долгометражни дебитантски филмови од светот. Светската премиера ќе се одржи на 18.02 во 19:00 часот во Блумакс театарот на Потсдамер плац, една од најпрестижните фестивалски локации во Берлин.Филмот ќе има вкупно пет фестивалски проекции на Берлинале, што дополнително ја потврдува силната видливост и интересот за овој македонски проект во рамки на програмата. Фактот дека станува збор за дебитантско долгометражно остварување на млада режисерка ја нагласува виталноста и креативната енергија на новата генерација автори, како и значењето на континуираната институционална поддршка за развој на современиот македонски филм.
“17” е продуциран од „Црна Мачка Продукција“, со финансиска поддршка на Агенцијата за филм, во копродукција со „Арт & Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Проектот е поддржан и од релевантни регионални филмски институции и индустриски програми.
Покрај физичкото присуство, Агенцијата ќе биде активна и на онлајн платформата на EFM, овозможувајќи виртуелно следење на активностите. Европскиот филмски маркет претставува една од највлијателните светски платформи за филмска индустрија и клучна можност за меѓународно позиционирање, зголемување на видливоста и отворање нови партнерства.

Related Articles