Home » Македонскиот игран филм „17“ на годинашниот 76-ти Берлински филмски фестивал

Македонскиот игран филм „17“ на годинашниот 76-ти Берлински филмски фестивал

by culturalchat

Македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин, еден од најпрестижните филмски фестивали на светско ниво. Филмот е дел од селекцијата „Перспективи“ која опфаќа исклучителни филмски таленти ширум светот кои дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена. Оваа селекција на филмови е од компетитивен карактер, а дава особена важност на уникатните перспективи со храбар кинематографски израз. За домашната кинематографија, учеството на македонски филм во ваква светски афирмирана селекција значи потврда дека нашата земја продолжува да биде расадник на филмски таленти кои ја обликуваат модерната македонска кинематографија и ја промовираат Македонија надвор од границите на земјата, на светско ниво.Сценариото за “17“ е инспирирано од настан, од реалниот живот. Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.
Продукцијата на филмот започна во Април, 2024 година. Снимањето беше реализирано во Скопје Битола и на други локации низ државата. Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните Tотем Филмс со седиште во Париз, кои низ годините успешно пласираат филмски дела на автори коишто отвораат нови перспективи, поттикнуваат емоции и размисла. Македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.

Related Articles