Ансамблот за Фолклор ,,Гоце Делчев” Битола кој учествуваше на Меѓународен фестивал во Велика Горица, Хрватска се враќа со две награди, за најдобар сценски настап и најдобра кореографија. Покрај овие признанија, ансамблот доби и благодарница за учество на фестивалот. Исто така беа единствени поканети во емисија на Хрватската Радио телевизија, како дел од утринската програма.„Среќна и исполнета сум што ја имав таа чест да ја водам најдобрата група“, ни изјави Ирена Гарабиљевиќ и додава: „Наградите се големо признание за нашиот труд и љубов кон фолклорот. За нас,тоа не е само трофеј или диплома,туку доказ дека нашата работа,вложеното време и посветеноста се препознаени и надвор од Македонија.Тоа е чест и гордост и за ансамблот и за сите што стојат зад него, нашите играорци, музичари, членовите на одборот и нашиот претседател Бранко Жежовски“.
За нив ова е незаборавно искуство.
„Искуството беше прекрасно-не само поради натпреварувачкиот дел,туку и поради дружењето,запознавањето со нови култури и настапите пред различна публика.Атмосферата беше полна со емоции, а моментите на сцена-незаборавни. Таквите искуства не зближуваат и како луѓе и како група“.Идејата за учество на овој фестивал дојде од одличната соработка и на иницијатива на Хрватскиот културен центар од Битола.
„Идејата дојде како резултат на добиената понуда да бидеме дел од овој фестивал во Велика Горица, за тоа е заслужен господинот Бранко Маретиќ, претседателот на Хрватскиот културен центар. Тој ни ја даде довербата, ние ја оправдавме.Тоа беше одлична можност да се претставиме и да се натпреваруваме со други ансамбли од регионот. Настапивме со неколку автентични кореографии кои се уникатни и единствено се играат во нашиот ансамбл.На отварање на фестивалот настапивме со Соло тапани и Кира Марија. Во натпреварувачкиот дел со сплетот Поседница. Така ги добивме двете највредни награди за најдобра кореографија и најдобар сценски настап“.
Запрашавме, колку наградите им се понатамошна мотивација?
„ Огромна! Секоја награда не мотивира да бидеме подобри-не заради натпреварување,туку заради самите нас и културата што ја пренесуваме. Кога ке видиш дека тоа што го правиш има вредност и кај други,ти се отвара желба за нови проекти, нови сцени и предизвици. Ова е можност да покажеме колку е богат и уникатен македонскиот фолклор. Настапувајки на меѓународни сцени, ние не го претставуваме само ансамблот,туку и целата земја-со боите, звуците и приказните на нашите предци. Со секој аплауз таму,чувствуваме како Македонија е видлива, препознаена и почитувана низ уметноста“.