Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на гостите и учесниците на фестивалот, нагласи дека културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, понекогаш гласна, но секогаш горда и жива.
„Овие денови, почнувајќи од 18 јули, па се до 31 јули, Битола е претворена во сцена на звуци, бои, носии, ора и песни од целиот свет. Со над 70 фестивалски настани, повеќе од 1300 учесници, 30 ансамбли од Македонија и интернационални гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, Битола овие денови повторно станува центар на светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научна мисла, за креативност и за нови начини на претставување на традицијата“.
Од најпрепознатливиот белег на фестивалот, Дефилето со песни и игри низ битолските улици, кој го привлекува вниманието на битолчани и на сите посетители на Битола, преку неизбежниот звук на „Kомитското“ во изведба на КУД „Илинден“ кое ја отсликува македонската историја, традиција и болка, па се до семинарите во кои што сите учесници учат нешто ново за македонската традиционална музика и македонските ора, фестивалот „Илинденски денови“ никого не го остава рамнодушен.
„Тоа што го правиме денес, е она што ќе остане утре за нас, нашите деца и внуци, генерациите кои доаѓаат. Да не заборавиме дека културното наследство не е само сеќавање туку нешто што треба да се негува, споделува и осовременува. Токму затоа, овогодинешниот слоган „Денес за утре“, јасно ја отсликува идејата на фестивалот „Илинденски денови“, но ја претставува и нашата обврска како граѓани: да не заборавиме од каде сме и да им го пренесеме тоа знаење на оние после нас. Да ја негуваме традицијата, но и да ја носиме храбро кон иднината – со љубов, енергија и отвореност за соработка и разбирање. Во мое лично име и во име на Општина Битола, им благодарам на сите организатори, уметници, волонтери и поддржувачи што овозможија ова издание да биде уште едно незаборавно поглавје во големата приказна што ја пишува нашиот фестивал „Илинденски денови“, кој е дел од Битолското културно лето“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Програмата на Републичкиот фестивал „Илинденски денови“, продолжува до 31 јули и се реализира како дел од програмските содржини на „БИТ ФЕСТ“.