Home » Посебно признание за Љупка Коларова Пајевиќ на Фестивалот на монодрама во Битола

Посебно признание за Љупка Коларова Пајевиќ на Фестивалот на монодрама во Битола

by culturalchat

Со доделување на наградите на најдобрите, заврши 26.издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола. Посебно признание и длабока почит Центарот за култура искажа кон Љупка Коларова Пајевиќ, основач и двигател на фестивалот низ сите овие 26 години. „Таа е живиот темел на оваа театарска традиција, и остави неизбришлив белег во културниот живот на Битола“, беше истакнато на свеченоста.„Главниот „виновник“ за тоа што уживаме во овие монодрамски остварувања во сите изминати 26 години е основачот и организаторот, нашиот стручен соработник Љупка Коларова Пајевиќ, под чие неуморно водство се организираа сите досегашни изданија на Интернационалниот Фестивал на монодрама. Љупка со тоа остави голем белег во нашата институција, во нашиот град Битола и Македонија. Можам слободно да кажам дека Фестивалот стана препознатлив бренд на Битола. Ти посакувам многу здравје, среќни пензионерски години и долг живот. И ти ветувам дека ќе продолжиме со голем ентузијазам да го организираме Фестивалот на монодрама, да го унапредуваме и усовршуваме. Ти ни го зацрта патот и ни ги даде насоките, ние продолжуваме да работиме и да го подигнуваме нивото. Се надевам дека ќе се гордееш со нас како и сите ние што се гордееме со тебе“, изјави директорот на Центарот за култура, Влатко Илиевски.Во текот на петте фестивалски дена, публиката имаше можност да проследи 10 монодрамски остварувања, а меѓународното жири беше составено од Рисима Рисимкин (Македонија), Емре Ердем (Турција) и Лаша Чхартишвили (Грузија).

Related Articles