Во рамките на проектот „Библиотеката против булингот и сајбер булингот“, поддржан од програмата Еразмус+ (КА122 – ADU), библиотекари од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола учествуваа на меѓународна обука во Палермо, Италија. Главната цел на обуката беше стекнување нови знаења и вештини за справување со булинг и сајбер булинг, како и примена на иновативни пристапи за негово спречување. Библиотеките се клучни места за едукација и поддршка на заедницата, а преку оваа обука битолските библиотекари се оспособија да препознаваат, превенираат и реагираат на вакви негативни појави во општеството. Клучни активности како дел од обуката беа: разбирање на различните форми и динамика на булингот, стекнување вештини за идентификација на знаци и симптоми на булинг, развивање емпатија и поддршка за жртвите и сторителите, градење инклузивна и безбедна средина во библиотеките, размена на искуства со библиотекари и едукатори од различни земји, учество во практични вежби, студии на случај и дебати.
„Оваа обука им овозможи на нашите библиотекари да станат активни учесници во создавање на безбедни и пријателски средини за младите. Со новите знаења, тие ќе можат да организираат работилници, едукативни програми и кампањи за подигнување на свеста за булингот, како и да ги поддржат учениците, наставниците и родителите во борбата против насилството. Искрена благодарност до нашата директорка м-р Емилија Стефановска Давкова за нејзината посветеност и поддршка во унапредувањето на професионалниот развој на библиотекарите и градењето на библиотеката како безбедно и едукативно место за сите. Ова е уште еден чекор напред кон трансформација на библиотеките во центри за учење, поддршка и развој на заедницата“, истакнуваат библиотекарите.