На 28.10, со почеток од 19 часот, во Културниот центар Магаза, ќе се одржи предавање на тема „Музејската колекција на костими и текстил-инспирација во визуелната уметност, современиот дизајн и костимографија“. Предавањето ќе го одржи костимографот и театарскиот режисер Благој Мицевски.
Мицевски има препознатлив визуелен печат, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, а чии уметнички костимографски решенија, повеќе од 30 години се дел од големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Од сцените во Љубљана, Белград, Сараево, Нови Сад, Братислава и многу други, до нашите македонски сцени, секогаш финалниот резултат е нешто што не се заборава, костими кои им даваат на претставите своевидна препознатливост. Мицевски е роден 1968 та во Битола. Од 1993 до денес е постојан член на ансамблот на НУ.Народен театар Битола. 6 години беше уметнички директор на Битолскиот театар, период во кој театарот забележува голем меѓународен подем. Тој е и идеен творец на „Битола Шекспир фестивалот“, за кој беше селектор во првите 5 изданија, период во кој фестивалот стана член на Европската асоцијација на Шекспир фестивали. Има режирано над 15 претстави, кои гостувале на фестивали во земјава и странство и биле наградувани. Беше костимограф и во два филмови, а учествувал и на повеќе изложби.
За својата работа, Благој Мицевски има добиено повеќе награди меѓу кои и наградата за најдобра костимографија на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за костимографијата во претставата „Артуро Уи” во изведба на Битолскиот театар. Неговите костимографии беа дел од „Идиот“ од Достоевски, во режија на Андреј Цветановски во театарот во Нови Сад, претставата „Крал Едип“ во режија на Диего Де Бреа во Сараевскиот театар, „Големиот Диктатор“ во Драма Љубљана и многу други.