Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 45. издание.
Традиционално пред Центарот за култура во Битола, во 19.15 е црвениот тепих, а во 19.45 почнува церемонијата на свеченото отворање и проекција на Канскиот хит-филмот „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино, кинематографер Дариа Д’ Антонио. Филмот е во официјалната селекција КАМЕРА 300.
Годинашен добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело е францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој ќе присуствува на свеченото отворање и ќе ја прими наградата.
Добитничка на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е истакнатата полска кинематограферка – Јоланта Дилевска.
На свеченото отворање ќе биде врачена и наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура – Битола. Градот го добива сјајот на Фестивал на филмска камера во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање.
Почнувајќи од утре (недела) прв пат на Широк сокак во Битола ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата Златна камера 300 која се доделува за животен опус со годината кога ги добиле почнувајќи од браќата Манаки, во чие име е направен фестивалот. Двајцата – Јанаки и Милтон Манаки ќе добијат по една ѕвезда, кои утре (недела) во присуство на членови на нивното семејство ќе бидат отворени.
Оваа своевидна „Патека на славните“ почнува од пред киното Манаки и оди кон Офицерскиот дом.
Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди. Шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на гламурозната свеченост на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.
Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер, а дизајнерското решение е дело на компанијата „Божиновски“.
Најавено е присуство на 300 до 450 гости на годинашното издание на Фестивалот, меѓу кои претседатели и претставници на бројни национални и меѓународни кинематограферски организации (од САД, ОК, Италија, Франција, Шпанија, Австралија, ИМАГО…) реномирани светски познати кинематографери.
Фестивалот „Браќа Манаки“ ја зацврстува позицијата на место за промоција на талентирани кинематографери, како и за се поголемата застапеност на жените во улога на кинематографери и режисери.
ИФФК „Браќа Манаки“ ќе го донесе кремот на светската кинематографска фела. Во Битола ќе пристигнат 17 врвни мајстори на филмската камера кои за својата работа се закитиле со бројни награди од најпрестижните филмски фестивали и асоцијацијации.