„Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски ја доби наградата „Антево перо“. Наградата се состои од печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори. Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките кои се избрани во потесен избор, комисијата едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, односно една повеќе од досегашната пракса. Добитници се: Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“. Наградата „Антев часовник“ да биде доделена на двајца млади поети и тоа на: Нино Наумовски за неговата збирка „Индиго солзи“ и на Стефан Спасовски за збирката „Ќумур смоквин млеч“.За наградите одлучуваше жирито во состав: Весна Мојсова Чепишевска (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови).
„Доживувањето на стварноста кај индивидуите кои имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски. Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето кое постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катенцот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот. Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите кои припаѓаат на звучниот код.“