Home » Македонски хорски амбасадори: Златна награда за хорот „Мирче Ацев“ во Виена

Македонски хорски амбасадори: Златна награда за хорот „Мирче Ацев“ во Виена

by culturalchat

Академскиот хор “Мирче Ацев”, во текот на изминатите денови, имаше достојно претставување на World Peace Choral Festival во Виена. На неколку настапи, изведоа голем дел од својот репертоар, а во натпреварувачкиот дел на фестивалот освоија златна награда (Golden award) и Награда за најдобра изведба на композиција од периодот на европски класицизам. Но, овој хор, под раководство на маестра Јасмина Ѓорѓеска-Каро, која 10 години го води хорот, овие денови освои многу повеќе од тоа. Во годината во која хорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” одбележува 75 години постоење, тој стана првиот македонски хор кој настапил во престижната голема сала во која се изведува новогодишниот познат Виенски концерт.„Во текот на сите настапи, хорот беше најатрактивен кој изведе најмногу композиции како и од различен стил, жанр, епоха. Во златната сала, златото го добија златните хористи на хорот кој веќе 10 години го предводам. Македонијо радувај се со нас“, истакна диригентката Јасмина Ѓ.Каро.На 13.издание на фестивалот учествувале над 1500 хористи од целиот свет. Македонскиот хор имаше прилика да настапи во најважните историски, општествени и културни објекти во Виена: зградата на собранието – Rathaus, седиштето на Обединетите Нации, катедралата Votivkirche, мултимедијалниот центар House of Strauss, а затворањето на фестивалот се одржа во познатата концертна сала на Виенската филхармонија. Своите импресии од настапот ги сподели и професорката од на Правниот факултет при УКИМ Александра Макисмовска која е дел од овој хор.

„Ова е хорот во кој доживеав бура од емоции, запознав прекрасни луѓе… мојот најсакан хор на светот – академскиот хор „Мирче Ацев” под раководство на нашата сакана и почитувана маестра Јасмина Каро. Публиката и хоровите од држави како Кина, Шангај, Австрија, Унгарија, Италија, емотивно и со стоечки аплауз реагираше на “Македонско оро”, “Македонска хумореска”, “Chae Shukarie”, како и други моќни дела од интернационални автори. Гордо го развеавме знамето и ја претставивме нашата Македонија како вистински музички амбсадори“.

Ќе остане запишано во меморијата на секој од нас, на АКУД “Мирче Ацев”, како и во меморијата на македонската култура дека во Виенската сала прозвучија македонски хорски композиции кои наидоа на восхит кај публиката.Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ е формирано во текот на 1949 година, со одлука на Универзитетскиот одбор на Студентската младина на Македонија. Активностите на Друштвото започнале да се одвиваат преку Академскиот хор, Фолклорниот ансамбл, Академската сцена, Народниот и Изворниот оркестар, како и преку Детското фолкорно студио. Своите уметнички достигнувања ги презентира во нашата земја и во странство, постигнувајќи значајни успеси во афирмирањето на македонското културно творештво. Хорскиот ансамбл освоил повеќе први места на меѓународни фестивали, меѓу кои, во Ланголен и Мидлсброу, Англија. Во досегашниот период, Друштвото успешно има настапувано во повеќе земји: Бугарија, Романија, Италија Австрија, Чешка, Грција, Англија, Франција, Ирска, Турција и многу други. За постигнатите успеси, АКУД „Мирче Ацев“ е добитник на Орден со сребрени зраци, доделен од Претседателот на бившата југословенска држава. Во досегашното постоење, членувале над 7.000 членови, изведени се повеќе од 5.000 концерти, а настапите ги следела публика од над 5.000.000 луѓе.

 

 

Related Articles